Алијанса предизборно ќе се крши кој пат да го фати, можно ли е разидување меѓу Села и Таравари?

Во првиот јавен настап по подолг период, Села даде поддршка за т.н. европски фронт промовиран од Ахмети, што следува откако Таравари го смени првичниот став за предизборна сеалбанска коалиција и почна да се залага за самостоен изборен настап на АА. „Фокус“ уште пред неколку месеци објави дека засега партијата е единствена, но првиот тест ќе бидат следните избори, кога треба да се судрат аргументите за позиционирањето на партијата. Од тоа ќе зависи дали ќе има единство или „предавство“!

by Фокус

По катастрофалниот пораз на Алијанса за Алабнците на предвремените избори за нов совет во Тетово, тогашниот лидер Зијадин Села се повлече од лидерската позиција, но и од јавноста. Така беше се до пред неколку дена, кога одлучи да се појави на телевизиско интервју, каде испрати неколку важни пораки.

Не сум ја напуштил политиката. Таму сум секогаш кога сум потребен, за било каков совет, било за актуелниот лидер на партијата или дури и за кој било партиски експонент. Имам повик, не ја губете вербата во АА. Тоа е единствениот политички субјект кој се претставува со ветувања пред граѓаните и кој се труди да ги реализира, а ги реализира веднаш штом ќе стане дел од Владата – рече Села на ТВ 21.

Меѓу останатото, Села се изрази афирмативно за идејата на власта за формирање на еден широк европски фронт на изборите, кој, како што појаснија од ДУИ, треба да биде составен од што поголем број на албански партии, но тука може да влезе и СДСМ, зависно од анализите што ќе ги направи водечката партија во власта.

Зијадин Села е многу мал да каже „не“ на една голема идеја како Европскиот фронт, а темел на ова треба да биде зачленувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Ова го кажувам под услов напредокот на државата да зависи од нас, тогаш се согласувам рече Села, додавајќи дека ова прашање ќе се дискутира во партијата.

Притоа, тој увери дека нема фракции во Алијанса, иако неговиот став е спротивен од оној на неговиот наследник и актуелен партиски лидер Арбен Таравари, кој по преземањето на лидерската палка прво  се залагаше за формирање на широка предизборна коалиција само со албанските партии (без СДСМ), а во последно време застапува теза за самостоен настап.

Видете, ние во Алијанса за Албанците ги носиме заедно одлуките, немаме фракции на Села или Таравари, сите заедно носиме консензус – рече Села, кој, пак, на прашањето дали очекува Биљал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши да го привлечат Таравари во албанскиот опозициски фронт, одговори дека „во политиката се е возможно, но тоа би значело предавство!“

„Фокус“ уште пред неколку месеци објави дека засега АА е единствена и нема никакви превирања, но првиот тест ќе бидат следните избори, кога треба да се судрат аргументите дали партијата треба предизборно да соработува со ДУИ или пак треба да стане дел еден албански опозициски блок.

Алијанса покажа заби поради неиспочитуван договор со владините партнери

Инаку, првото јавно појавување на Села после подолга апстиненција со поддршка на т.н. европски фронт и со порака дека „Алијаннса треба да биде многу внимателна какви одлуки ќе донесе, зашто важно е државата да остане на европскиот пат“, доаѓа откако Таравари го смени првичниот став за предизборна сеалбанска коалиција и почна да се залага за самостоен настап.

Ахмети ја отвори темата за европскиот фронт, но никогаш не доби одобрение од Алијанса. Никогаш никому ништо не сме ветиле. Гледам дека оваа тема ја злоупотребуваат членовите и функционерите на ДУИ, како оваа работа да е завршена и дека Алијанса ќе оди заедно со ДУИ на следните избори. Сакам да демантирам и да се спротивставам – изјави Таравари во јули годинава.

Потоа, во интервју за ТВ Сител, на прашањето дали е во игра заеднички настап со актуелната владина коалиција на СДСМ и ДУИ, рече дека не исклучува ништо. Меѓутоа, како што нагласи, тој лично смета дека АА би било најдобро да излезе сама на избори, поради лошото искуство од соработката со другите албански партии.

Ние секој месец правиме анкети и ги земаме оние што ги прават СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. И релативно добро стоиме. Мислам дека првата опција (самостоен настап), според мене, меѓутоа одлуката не зависи само од мене, најдобро би било сами да одиме, но не исклучувам сите можни опшции за комбинации – рече Таравари, додавајќи дека во македонскиот блок има коректни односи и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ.

Патем, испорача жестоки критики кон ДУИ, со кого Алијанса соработува веќе неколку месеци. Според Таравари, функционирањето со „интегративците“ во владината коалиција е „нужно зло“ и истовремено порача дека 20 години се премногу на власт, поради што „албанскиот политички блок има потреба за промени“.

Да и дадеме шанса на една друга партија барем еден мандат, а здраво е и за ДУИ да излезе во опозиција. Кога ние кажувавме дека ДУИ е метастазирано и инфилтрирано низ сите институции во Македонија и е сериозен проблем за државата, тогаш тоа беше некако маргинализирано како од никој да не не сфаќаше сериозно – рече Таравари.

Оттука, јасно е дека Села и Таравари имаат различни лични мислења околу тоа како да се постави Алијанса за Албанците, па следниот период ќе стане јасно дали тоа ќе менаџира низ внатрепартиска дебата или ќе прерасне во судир на концепти и можен раскол.

И кога ги анализиравме резултатите од анкетата на ИРИ, напишавме: „Како ќе се наближуваат изборите, дебатата во АА ќе се крши на точката – дали да се оди во предизборна коалиција со ДУИ, која веќе отворено се нарекува „нужно зло“, со самостоен настап, кој се наметнува при респектабилен рејтинг, или, пак, соработка со албанската опозиција…“

„Завојуваните“ ВМРО и ДУИ билдаат рејтинг, само окрупнување на ривалите може да им ги помати сметките!

Во меѓувреме, помирените Беса на Касами и Алтернатива на Гаши, здружени со новоформираната Демократко движење на Меџити, го повикуваат Таравари да ја донесе Алијанса во албанскиот опозициски камп, но, според нашите неофицијални информации, ова по секоја цена сака да го спречи Али Ахмети, кој е подготвен да и даде на АА носител на пратеничката листа во шестата изборна единица.

Влатко Стојановски

Поврзани новости