„Завојуваните“ ВМРО и ДУИ билдаат рејтинг, само окрупнување на ривалите може да им ги помати сметките!

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ одржува највисок партиски рејтинг, но тој е еднаков на поддршката што заедно ја имаат владејачките партнери СДСМ и ДУИ, па, доколку резултатите на најновата анкета на ИРИ се потврдат на следните избори, од клучно значење ќе биде како ќе се постават другите партии, пред се Алијанса за Албанците, која засега емитува мешани политички сигнали.

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ задржува стабилна предност во однос на СДСМ, исто како и ДУИ во однос на другите албански конкуренти, покажа најновата анкета на ИРИ (Меѓународниот републикански институт), спроведена преку интервјуа во живо на репрезентативен примерок од 1.204 жители на земјава, во периодот меѓу 8-ми април и 4-ти мај 2023 година.

Од одговорите на прашањето за која партија би гласале ако парламентарните избори се одржат претстојната недела, добиени се следните резултати: ВМРО-ДПМНЕ – 19%, СДСМ – 11%, ДУИ – 8%, АА – 5%, БЕСА – 4%, Левица – 4%, Алтернатива – 1%, Демократска партија на Турците – 1%. Притоа, 3 отсто се изјасниле за други партии, 15 отсто нема да гласаат воопшто, додека високи 18 отсто се уште не знаат за кого би гласале.

Инаку, речиси и да нема поместување споредено со истражувањето на ИРИ спроведено во октомври 2022 година. Тогаш, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имале ист рејтинг како и сега, додека ДУИ бележи напредок од еден процентен поен. Од помалите партии, се забележува пад на поддршката на Левица од 6 на 4 проценти, а пад има и кај Алијанса од 6 на 5 проценти, но не во однос на ланската анкета, туку од онаа во ноември 2021 година.

Оттука, произлегува дека жестоката пресметка во која влегоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ воопшто не им наштети на двете партии, туку напротив – тие го одржуваат или зголемуваат рејтингот, а жртвата е СДСМ. Во таква ситуација, комоцијата на ВМРО-ДПМНЕ може да биде нарушена поради послаб коалициски потенцијал, додека предноста на ДУИ во албанскиот блок може да биде анулирана при евентуално обединување на ривалите.

Имено, иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ има убедливо највисок рејтинг како партија, тој е идентичен на рејтингот што заедно го имаат владејачките СДСМ и ДУИ, кои изградија блиско партнерство после политичките промени во 2016/2017 година, со најава дека ќе продолжи и по следните избори.

Затоа, под претпоставка дека оваа анкета ќе се оствари на изборите, можеби од клучно значење за формирање на идната влада ќе бидат останатите албански партии, кои во изминатиот период лутаат на политичката сцена, имајќи во предвид дека сите беа/се и во власт и во опозиција.

Моментално, Алијанса за Албанците е дел од власта, додека во опозиција се Беса и Алтернатива, кои заедно имаат ист рејтинг како и АА од 5 отсто (4+1). Иако во различни периоди Биљал Касами и Африм Гаши беа дел од владата на СДСМ и ДУИ, тие сега држат цврст опозициски курс, плус си подадоа рака за соработка. Во меѓувреме, мешани сигнали емитува АА.

Набргу откако оваа партија одлучи да се дистанцира од ВМРО-ДПМНЕ и да влезе во владата на Димитар Ковачевски и Али Ахмети, партискиот лидер Арбен Таравари говореше дека подобра опција, според него, е да се формира една албанска предизборна коалиција, отколку широка проевропска коалиција на чело со СДСМ.

Како што тогаш објаснуваше Таравари, на тој начин најмногу би изгубил СДСМ поради очекуваниот националистички наратив на ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, сега тој настапува со поинаков став. Деновиве, на едно телевизиско гостување изјави дека лично смета оти партијата треба да оди сама на избори, посочувајќи дека таква одлука, сепак, треба да донесат партиските органи.

Како ќе се наближуваат изборите, дебатата во оваа партија ќе се крши токму на оваа точка – дали да се оди во предизборна коалиција со ДУИ, која веќе отворено се нарекува „нужно зло“.  Во вториот случај, опција е самостоен настап, кој се наметнува при респектабилен рејтинг, или, пак, соработка со албанската опозиција сега предводена од Беса.

И покрај тоа што многумина аналитичари сметаа дека АА ќе загуби идентитет со влезот во владата, засега го задржува истиот рејтинг, со тоа што треба да се нагласи дека откако е направена споменатата анкета во мај министрите од редовите на оваа партија се исклучително активни, што може да им донесе дополнителна поддршка на идните мерења.

Токму од тоа како предизборно ќе се позиционира Алијанса може да зависат постизборните разврски, бидејќи тие може да ја направат разликата. Сепак, треба да се има во предвид дека има и други фактори, а еден од нив е „огнената група“ во ДУИ, чија судбина ќе биде наскоро позната. Односно, дали „огнените“ ќе се распаднат или дополнително ќе се факторизираат и ќе настапат на следните избори со свои листи или пак заедно со албанската опозиција?

Друга засега непозната компонента е Левица, која, според анкетите на ИРИ, бележи пад во поддршката. Од една страна, партијата може да биде жртва на стратегијата на Христијан Мицкоски да бара 61 пратеник за да не биде уценуван од Албанците, што може да има силен ефект во време кога се гради атмосфера на бранители на идентитетот и државата и предавници.

Од друга страна, пак, логиката вели дека партијата на Димитар Апасиев треба да профитира од последните лавирања на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени после лидерската средба, кога Мицкоски прифати уставни измени со одложено дејство, наспроти претходната позиција дека овој парламентарен состав нема мандат да го менува Уставот. Меѓутоа, тоа се случи после анкетата во мај.

Засега, на анкетите на ИРИ не се појавува движењето на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој има јасен антивладин став, а ја нема ниту ГРОМ на градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски, кој, пак, заедно со скопската градоначалничка Данела Арсовска политичката острица ја имаат насочено кон ВМРО-ДПМНЕ.

Влатко Стојановски

Поврзани новости