За помалку од 18 часа собрана потребната помош за семејството Јованови!

by fokus

За Марина и Горан Јованови од село Миравци, кои живеат заедно со своите малолетни деца Цветанка и Давид, собрана е потребната финансиска помош од 3.000 евра, за помалку од 18 часа од објавата на првиот апел.

Се работи за семејство кое живее во доста лоши услови, а поради компликации со дијабетис, ногата на Горан му била ампутирана пред околу една година. Неговата сопруга Марина работела во конфекција, а поради големата немаштија во која ова семејство живеело, од Евангелска Црква во Македонија, редовно им се носеле пакети со храна.
Сакајќи да се заложи и околу средување на домот на Јованови, Филип Иванов од црквата вчера објави апел, хуманите граѓани да донираат средства, со цел да се направи бања, водовод, инсталација, канализација, поплочување на просторот околу куќата, ламперија во детската соба, и да се докупи покуќнина.
Сумата која беше целна изнесуваше 3.000 евра.

Денес Иванов информира дека од понеделник започнува работата во домот на Јованови, бидејќи потребната сума се собрала за помалку од 18 часа од објавата.

-Веќе се најдени мајсторите, па од понеделник почнува работата, со што ќе започне ново поглавје во животот на Марина и Горан, а посебно во животите на Цветанка и Давид! За помалку од 18 часа, ја собравме потребната сума за помош на семејството Јованови! Ви благодарам на дарежливоста и довербата, на сите што дониравте и споделивте, на сите што се јавивте и пишавте, и понудивте секаква помош. Нека Господ Исус ве благослови и преблагослови за сѐ тоа!-објави Иванов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости