По 51 ден на респиратор пациент од Њујорк си замина дома

by fokus

По 128 дена поминати во болница и 51 ден на респиратор, Лери Кели ја напушти болницата во Њујорк. Со овации и солзи радосници медицинскиот тим го испрати дома 64-годишниот Лери, јави Си-ен-ен.

Пациентот го нарекоа Чудотото Лери бидејќи важел за еден од најтешко болните пациенти во болницата, за кој никој не верувал дека ќе преживее.

Со тешка пневмонија, тој бил поставен на респиратор пред речиси 2 месеца, а во еден момент докторите планирале да го тргнат од машината бидејќи немало никакви знаци дека може повторно да почне да дише самостојно.

„Имав тешко воспаление на белите дробови. Бев многу вознемирен, па ми дадоа фентанил за да ме смират, но станав зависен од него. Потоа почнаа да ми даваат метадон, а имав и крвавење во мозокот“, раскажува Лери за својата здравствена состојба.

Лери се разбудил од кома на Велигден и почнал да закрепнува. Вчера конечно ја напушти болницата и си замина дома. Прво нешто што едвај чекал да направи вели е да седне на ручек во својата куќа.

„Никој не сака ова да му се случи. Не беше лесно да се дојде до ова. Вирусот влијае на цели фамилии, не само на оној што е болен. Затоа, носете маски“, вели Лери.

Поврзани новости