Во нашиот политички жаргон веќе се влезени во широка употреба грст неологизми во изминативе години. Да ги споменеме само „експертутките“ (експерти кои се однесуваат како проститутки) или пак веќе фамозните „соросоиди“ термин создаден како антипод на „македоноидите“, и со кои се означуваат токму најнепомирливите критичари на актуелната ни преродбеничка власт. Кај најфанатичните приврзаници на СДСМ пак, сѐ поголема популарност зафаќаат неологизмите изведени од презимето на премиерот и термините поврзани со диктатори или лажговци, како Грујошеску или Грујокио, и сл.
Во американскиот политички сленг пак, неологизмите се редовна појава, не само како облик на навреда, туку и самите луѓе на кои се однесуваат ги прифаќаат за да се брендираат себе или своите идеи. Не пример, склопот реформи што на времето претседателот Реган ги воведе во американската економија се нарекуваше Реганомија (Reaganomics), а пак сегашните интервенции на претседателот Обама во системот за здравствена заштита (health care) се крстени со неологизмот Obamacare. Секој поголем скандал добива суфикс „-гејт“ (по скандалот Вотергејт) и сл.
Во ова рубрика, и ние ќе се обидеме на некои актуелни настани и појави да им пристапиме преку неологизам специјално скован за нив. Се надеваме дека основната цел на Фокус, нештата да станат појасни, делумно ќе ја постигнеме и со тоа што на новите нешта ќе им даваме и нови имиња. За да престане праксата секоја нова глупост да се крие под превезот на стар термин во кој сѐ уште имаме доверба.