Заев на средба со кинескиот премиер: Зголемувањето на економската соработка е многу важно

by fokus 11:53
11:53

Ги отвораме перспективите за продлабочување на економската соработка со Народна Република Кина и сакаме да соработуваме на проекти кои ќе придонесат за инфраструктурен и економски развој на земјата.

Ова го истакнал премиерот Зоран Заев на средбата со претседателот на Владата на НР Кина Ли Кечијанг на маргините на 7. Самит на шефови на влади од процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа (16+1), што вчера се одржа во Софија. На средбата присуствувале и делегации на владите на двете земји.

- Advertisements -

Шефот на македонската Влада ја нагласил значајната поддршката што кинеската влада ја дава во напорите за забрзување на изградбата на двата автопата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев ја потенцирал важноста на поддршката којашто во континуитет НР Кина и ја дава на Република Македонија од независноста до денес, додавајќи дека нашата земја продолжува да ја поддржува политиката на една Кина.

Македонскиот премиер на средбата информирал дека процесот за воспоставување безвизен режим меѓу двете земји е во завршна фаза и посочил дека очекува да се зголеми движењето и комуникацијата помеѓу граѓаните на двете земји, што ќе резултира со развој на туризмот, поголема културна соработка, поврзување и воспоставување  поблиски релации.

Кинескиот премиер Кечијанг изразил силна поддршка за чекорите што македонската Влада ги прави во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните и политиките за забрзување на економскиот раст.

Премиерот Кечијанг истакнал дека НР Кина ќе продолжи и понатаму да ја поддржува Република Македонија и истакнал дека зголемувањето на соработката е многу важно, бидејќи двете земји се насочени кон економски развој што треба да придонесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Поврзани новости