Временска прогноза со Влатко Ѓорчев – „Погодено“ (2014 – 2018)

by lali 21:06
21:06

Можеби за него немаше место во новата влада, но владејачката партија не го остави Влатко Ѓорчев на цедило. Тој од вчера ја води временската прогноза на МТВ 1, Сител, Алфа, Канал 5 и на Канал 5+ по утринската сеанса со вечно насмеаниот Раде Рогожаров.

Со ден задоцнување и со длабоко извинување, ви пренесуваме дел од неговиот премиерен настап:

- Advertising -

– Добар ден Македонијооо! Сончев ден граѓани на оваа наша една и единствена најсакана и најмила земја, вечна и вековна Македонија. Ние сме деца на Александар, а тој син на богот на Сонцето – Амон Ра. Јас сум добро познатиот политичар и татко на три сонценца, а ова е временската прогноза за неделата што претстои:

Сончево време нѐ очекува во општините Чешиново и Старо Нагоричане, сонце исто така во Јегуновце и во Ресен, ќе пече и во Лозово, но за жал ќе биде облачно во Центар, освен на плоштадот кај спомениците – таму пак сонце! Ќе грее во Петровец и во Градско, сончево во Радовиш и…сонце во Карбинци, Василево, убав ден во Росоман и цел ден ведро во Зрновце. Сооонце во Зелениково!

Сончево и во општините Могила и Илинден, сончево и во Пустец, таму кај кајсијата. Во Шутка, секогаш сонце во Шутка, сонце за три светови како што пееше Џафер. Сонце ваму, сонце таму, сонце лево, Грујо десно!

Драги граѓани, наш небесен и сончев народе, не заборавајте дека сето ова сончево време е гоооолема победа за Македонија, победа која со пот и со труд е извојувана благодарение на Владата на ДПМНЕ и мал придонес од страна на претседателот-сончоглед, Иванов – заклучи Ѓорчев, човекот кој ќе го замени познатиот метео-Глигор во новата емисија за времето наречена „Погодено“.

Напомена: Поради технички проблеми а и недоволен простор на нашиот портал не можеме во целост да ви ги пренесеме УВ-зраците од останатите 49 минути и 24 секунди од непрекинатото набројување од страна на Влатко Ѓорчев препратено со мали паузи за 2-3 голтки ладна вода.

Но за ваша среќа, веста ќе ја збогатиме со ексклузивна неофицијална информација добиена од извори блиски до Владата. Оттаму дознаваме дека неговото работно место е на определено време и ќе трае до следните парламентарни односно локални избори, а може и претседателски.

Според непотврдени информации негов колега на МТВ 2, Алсат и на другите телевизии на албански јазик ќе биде Бујар Османи од кого се очекува да нѐ известува за времето во Тетово, Сарај, Гостивар и во Чаир. Неофицијално, во секој ден од наредните четири години во овие општини покрај попладневното сонце, навечер нѐ очекува полумесечина.

disklejmer

Поврзани новости