Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.607.595 лица заразени со новиот корона вирус. Од нив починати се 95.785, а оздравеле 357.164 луѓе.
– Велика Британија организираше 12 летови од Индија за да врати 3.000 свои државјани во татковината, соопшти Би Би Си. Се очекува наскоро да бидат организирани уште пет лета, со што бројот на Британци кои ќе се вратат во својата земја ќе изнесува 5.000.
– Денеска почнува најдолгиот полициски час во Србија, кога од 17 часот се до понеделник во 05 часот во сила е забрана за движење. Во Србија, до вчера беа потврдени 2.867 заразени и 66 смртни случаи.
– Полициски час се воведува во северниот дел на Косовска Митровица и Звечан. Од денеска на пладне до понеделник во 06 часот во цила е целосна забрана за движење на граѓаните.
– Новите истражувања покажуваат дека коронавирусот почнал да кружи во Њујорк кон средината на февруари, неколку седмици пред да биде потврден првиот случај и оти патници го донеле од Европа, а не од Азија, објави Њујорк Тајмс.
– Во Кина вчера беа потврдени 42 нови случаи на зараза со коронавирус, додека денот претходно имаше 63 случаи, соопшти кинеското Министерство за здравство. Меѓу 42. нови случаи, дури 38 се кај лица кои се вратиле во Кина од странство.
– Шпанскиот Парламент синоќа одобри продолжување на вонредната состојба за дополнителни 15 дена, до 26 април. Сепак, премиерот Педро Санчез најави дека потоа ќе мора да побара ново продолжување за да се сузбие ширењето на коронавирусот.
– Во Црна Гора се забранува користење на кафемати, кои се сметаат за еден од изворите на заразата.
– Во Австрија од 14 април ќе бидат отворени продавниците за градежен и градинарски материјал, продавниците за благордони метали, како и сите други продавници со максимална површина до 400 квадрати.
– Според податоците добиени ова утро, во Република Српска се регистрирани 16 новозаразени со коронавирус, со што бројот на инфицирани се зголеми на 381, соопшти министерот за здравство и социјална заштита Ален Шераниќ. Тој соопшти дека во изминатите 24 часа се направени 425 тестирања.
– Во Црна Гора се регистрирани три нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени се искачи на 255.
– Канада во денешниот ден влезе со 20.693 заразени лица, 526 починати, а најголем број потврдени случаи на Ковид-19 има во двете најголеми провинции Онтарио (5.759 заразени, 215 починати) и Квебек (10.912 заразени и 216 починати).
– Во Јужна Кореја утрово се отворени избирачките места за предвремено гласање на парламентарните избори, при што се одредени посебни гласачки места за заразените со коронавирус. Повеќе од 3.000 заразени, како и околу 900 здравствени работници ќе можат да гласаат на осум избирачки места. самите избори се одржуваат на 15 април, но властите се надеваат дека луѓето ќе ја искористат можноста за рано гласање за да се избегне гужвата на биралиштата тој ден. За време на двата дена предворемено гласање, луѓето ќе можат да гласаат на 3.500 избирачки места.
– Велигденските празници во Италија годинава ќе бидат одбележани под мерки на општ карантин, во изолација, со строга контрола на копно и море, со надгледување со помош на дронови и хеликоптери за да се избегне собирање на луѓето за време на празниците. Жителите на Италија, каде досега од Ковид-19 починаа над 18.000 луѓе, Велики Петок го дочекаа во блокада, а Велигден ќе мине без јавни собири, како што е вообичаената прослава во Ватикан, додека поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ќе им се обрати на верниците преку телевизија и интернет.