Во Хрватска се надигруваа фолклорните скапоцености Танец и Ладо: Комплименти за македонската гордост!

by fokus

Не може подобро, фантастично, прекрасно- се зборовите на љубителите на врвниот фолклор и песни, кои озарени од совршените изведби ги наградија со френетични аплаузи двата репрезентативни национални ансамбли за традиционални песни и игри – македонскиот ТАНЕЦ и хрватскиот ЛАДО.

Вака започнува првиот осврт кон вчерашниот концерт, прв од серијата од три заеднички концерти на хрватскиот и македонскиот национален ансамбл во Хрватска. Порталот СБ Плус, во својот натпис не штеди зборови за концертот што вчеравечер се случи на голема бина пред театарско-концертната сала „Ивана Брлиќ Мажураниќ“ во рамките на 33-то „Бродско музичко лето“.

После успешната турнеја во Канада и САД, концертното гостување на фестивалот „Лент“ во Словенија и претставувањето пред домашната публика на „Скопско лето“, ансамблот „Танец“ во јули на меѓународен план ја освојува и Хрватска, заедно со своите пријатели од државниот ансамбл „Ладо“. Двата национални ансамбли со заедничките концерти насловени „Ладо и Танец“ на публиката под отворено небо ќе им го презентираат најдоброто од хрватската и македонската музичко-фолклорна традиција. „Ќе се случи сценско обединување, што ќе биде знак за единственост и насочување и во иднина кон ваков вид на уметнички проекти“ – ќе напише хрватскиот „Вечерњи лист“.

-Концертите „Ладо и Танец“ ќе бидат дел од едни од најголемите културни настани во Хрватска. Првиот концерт се случи вчеравечер, на 14-ти јули, во Славонски Брод во рамките на 33. Бродско музичко лето, а утре ансамблите ќе концертираат на познатиот хрватски фестивал во Загвозд. Последниот концерт е закажан за 17-ти јули, на реномираното 68-мо Сплитско лето на Сустипан. Специјален гостин во Сплит ќе биде и фолклорниот ансамбл „Единство“.
„Танец“ на програмата на овие концерти се претставува со разновидна програма избрана од својот седумдецениски репертоар, со атрактивните кореографии „Радовишки собор“, „Водарки“ и „Драчевка“, автентичното оро „Копачка“ впишано на листата на УНЕСКО, како и со раскошен вокално-инструментителни дел обединет под насловот „Македонски бисери“, сите во изведба на играорниот кор, хорот и оркестарот по уметничко раководство на сцената од маестро Милан Завков- информираат од Танец.

„Ладо“ и „Танец“ се формирани во истата 1949 година и во овие 73 години го негуваат хрватскиот и македонскиот фолклор на највисоко професионално и уметничко ниво.

За нив весникот „Вечерње новости“ напиша: „Создадени иста година, тие се комплементирни во видот на уметничкото дејствување, цели и мисии, но посебноста на овие концертни спектакли ќе биде сепак во сценската репрезентација на целосно различните култури и нации. Ќе бидеме сведоци на сценска кохабитација на две целосно различни традиционални форми и пристапи, кои кај публиката провоцираат интерактивност и свест за разни форми на различностите. Тие на сцената ќе ја покажат меѓусебната почит и поддршка. Одамна се препознати како амбасадори на сопствените земји низ целиот свет“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости