Новинари претеравте! Ова е паролата со која функционери од власта утре ќе протестираат на потегот од седиштето на Здружението на новинарите (ЗНМ), па сѐ до трговскиот центар Лептокарија по булеварот Партизански одреди во Скопје.
Силвана Бонева, Коце Трајановски, Никола Тодоров, Амди Бајрам и уште неколку функционери кои новинарите ги уловија на грчките плажи ќе парадираат по купачи и во рацете ќе држат локомадес-крофни.
„Душата нѐ боли што нѐ ставаат на насловните страници само зашто летуваме во Грција. Едно е што нашата партија подмолно поттикнува омраза кон јужниот сосед, ама сосема друго е нашето право да ги трошиме дебелите плати по прекрасните грчки плажи“, стои во соопштението на новото здружение на уловени функционери-кампери во Грција „Среден крак – Халкидики“.
Името „Среден крак“ е идеја на пратеникот Амди Бајрам, кој се прослави кога му го покажа средниот прст на поранешниот лидер на опозицијата Бранко Црвенковски.