По случајот „Загорац Тумбовски“, се појави дилемата кои се етичките извори на информации што смеат да ги користат новинарите на Телма, а богами и на сите други медиуми.
Затоа медиумскиот експерт во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски реши да излезе во пресрет и состави мал список на етички извори по телефон.
1. Драган Даравелски
Може да се користи како извор за теми од областа на царината вклучувајќи ги прашањата околу ЦЕФТА, пошироките економски анализи, спортскиот и општиот менаџмент.
2. Љубомир Магаш
Корисен извор на информации доколку ви треба експерт за меѓународна трговија, добар познавач на балканската мапа на шверцот, а може да биде од голема помош во културните рубрики кога се во прашање актерството и глумата.
3. Газда Нини
Банкарството и целиот финансиски систем ги има во малото прсте. Искусен банкар, кој поминал сито и решето во македонскиот систем, а не му е далечна ниту фармацијата. Проверено!
4. Субрата Рој
Ако ви треба некој од областа на странските инвестиции, секогаш можете да го повикате Субрата Рој. Тој би бил среќен да дава изјави и за сточарството, му лежи и туризмот, а со задоволство би зборувал за сакоата без ракави и поопширно за машката мода.
5. Димитрис Контоминас
Човеков се разбира во сѐ. Барата со медиуми, го бива за градежништво и за офшор-дестинации. Телекомуникациите од секогаш му биле слаба страна, а во слободно време посредува.
6. Иво Санадер
Без сомнение најдобриот извор кога се во прашање корупцијата и темите од областа на пропагандата. Овој докажан десничар може да се користи и во анализи кои ја обработуваат политичката идеологија, иако корисен би бил и како уметнички рецензент. Човек што дома поседува 250 уметнички слики не може да има лош вкус!
7. Миодраг Јеремиќ
Текст за „Скопје 2014“ без изјава од овој истакнат српски производител на бронзени статуи едноставно не може да се нарече анализа.
8. Виктор Орбан
Експерт за човекови права и за демократија, а она што е најважно за македонските новинари е дека Орбан има македонско бројче. Последен пат кога беше кај нас, му купивме СИМ-картичка со 300 бесплатни минути, што значи дека тој може да ви се јави – само титнете му.