Владата размислува дали да го зголеми износот на казните за неносење маски за заштита од КОВИД-19. Обемот на работа на полицијата во таа насока е зголемен и ќе има се повеќе контроли и во угостителските објекти и на собирите на граѓаните, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Во Владата разговараме во однос на зголемувањето на казните и ќе се цени дали има потреба од тоа или не. Важно е дека обемот на работа на полициските службеници е зголемен и правиме се што треба да биде направено во овој момент за сите оние кои не ги почитуваат мерките, односно кои прво не се почитуваат самите себеси и не ги почитуваат своите семејства со тоа што не се зашититуваат и се изложуваат на ризик да бидат зафатени со инфекцијата. Ќе мора да носат некаква одговорност. И тоа ќе се случува понатаму и во угостителски објекти и на собирања, итн, се повеќе и повеќе, со цел да се влијае на оние кои не ги почитуваат мерките и со тоа директно ги загрозуваат живот и здравјето на граѓаните, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата а Полицискиот центар Ѓорче Петров.
Казните, вели министерот, се наплаќаат и сега, но тоа ќе биде многу полесно откако ќе се направи усогласување на потребните закони со Законот за прекршоци, што се доставени во Собранието уште пред распуштањето поради изборите. МВР останува на тие законски решенија и Спасовски очекува наскоро да бидат ставени на дневен ред и Собранието да ги изгласа.