Видео: Одгледувачи на праски од Росоман: Ќе ни треба хуманитарна помош за да преживееме!

by Fokus

Земјоделци од Росоман, револтирани поради ниските откупни цени, во изминативе денови во знак на протест фрлија стотици килограми праски.

Велат дека воопшто не им е исплатливо да ги продаваат по цена од 60 денари за гајба, бидејќи и самата гајба ги чинела 30 денари.

Вчера, пред насобраните одгледувачи на праски се обрати и Љупчо Аризанов, претседател на Агротиквешија.

Тој упати апел до владата да им помогне на земјоделците, за да можат да ја преживеат годината. Потенцираше дека во минатото, од Росоман дневно се извезувале повеќе од десет шлепери со праски, додека од почетокот на сезонава, едвам четири до пет камиони.

,,Лани за килограм праски добивавме од 35 до 50 денари, ова годинава е катастрофа. Имавме проблем и со мрзнење, плус проблеми со водоснабдување, и на крај треба праските да ги продаваме по 60 денари за гајба. Подобро ни е да ги фрлиме” – велат револтираните земјоделци.

Дел од нив и денес ги фрлија праските во реката Црна, а снимки и фотографии објавија на своите социјални профили, сакајќи да го свртат вниманието на проблемот.

На советите да не се фрлаат праските, туку да се дадат на некоја установа, хуманитарно, тие одговараат дека и самите наскоро ќе бараат хуманитарна помош, бидејќи целиот труд им бил џабе и не знаат како ќе ја преживеат годината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости