Украина отвори истрага за нелегално шпионирање на американски дипломат по објавените материјали од американскиот Конгрес

by fokus

Украинските власти отворија истрага поради основано сомнение следење и шпионирање на висок американски дипломат, Мари Јованович, која лани во мај беше сменета од позицијата амбасадор на САД во Киев.

Според МВР на Украина, истрагата е одговор на објавените документи, пораки и белешки од Комисија за разузнавање во американскиот Конгрес, од кои се дознава дека таа била нелегално шпионирана додека ја вршела својата функција во Украина.

Пораките објавени завчера, а предадени од осомничениот американско-украински бизнисмен Лев Парнас, соработник на Руди Џулиани, откриваат како Роберт Хајд, републикански кандидат за конгресмен од Конектикат, испраќа навреди за Јованович и сугерира дека тој ја следел во Киев и ги предавал информации за нејзиното движење на Парнас.

Јованович беше еден од клучните сведоци во демократската истрага за импичмент на претседателот Доналд Трамп.

-Позицијата на Украина не е да се меша во внатрешните работи на САД. Сепак, објавените податоци содржат факти на можно кршење на законот на Украиа и Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги штити правата на дипломатите на територијата на други земји, се вели во изјавата на украинското МВР.

Се додава дека Украина не може да ги игнорира таквите нелегални активности, и затоа е започната криминална истрага.

Од американскиот Стејт департмент се уште нема коментар за наводното следење на американски амбасадор во Киев и дали слична истрага ќе започнат и американските власти.

Поврзани новости