Укината затворската казна на дедото на Тамара, Апелација го врати случајот од почеток

by fokus

Апелација ја укина затворската казна од 7,5 години на дедото на Тамара, Љупчо Стојановски, која му беше досудена за обид за убиство на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Второстепениот суд случајот го врати од почеток, и првото рочиште е закажано за 3 декември.

-Пресудата е недоволно јасна и разбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоењето на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот, пишува во одлуката на Апелација.

Адвокатка на Стојановски, Павлина Зефиќ, ни изјави дека Апелациониот суд дал напатствија, по кои ќе треба да се постапи на повтореното судење. Односно одбраната инсистираше да се направи надворешно балистичко вештачење, но тоа не беше направено. Ова сега го бара и повисокиот суд бидејќи материјалните докази, местото на најдената чаура, не се поклопуваат со изјавите на Тодоров и неговиот телохранител. Од ова вештачење ќе се добие одговорот дали дедото на Тамара навистина нишанел кон Тодоров со цел да го убие, поради што се гонеше за „обид за убиство“, или пукал само за да го исплаши.

Апелационите судии во пресудата посочуваат дека Кривичниот суд ценел дека исказите на сведоците, меѓу кои и оној на Никола Тодоров се поткрепени со материјалните докази, но тие не се согласуваат со оваа констатација.

-Ваквиот заклучок на првостепениот суд за целосна поткрепа и корелација на вербалните и материјалните докази не соодветствува во целост со содржината на изведените докази, бидејќи од анализата на материјалните докази се утврдува околноста кои предмети биле пронајдени на местото на настанот, нивната местоположба и одалеченост, но од истите не може со сигурност и несомнено да се утврди точната местоположба и поставеност на обвинениот во однос на оштетениот во моментот на испукување на куршумот од пиштолот, правецот односно траекторијата на движење на куршумот, во однос на местоположбата на пронајдената чаура на асвалтната подлога на паркинг просторот, близу скалилата и останатите предмети  лоцирани на местото на настанот, а со кој доказ би можеле да се утврдат релевантните факти по однос на начинот на случување на настанот и дејствијата на извршување на обвинетиот, пишува во пресудата.

Дедото на Тамара, која почина во 2015 година, чекајќи да биде испратена на операција на рбетот во странство, веќе една година е во притвор.

За поседување на оружје му беше одредена казна затвор од една година.

Валентина Вурмо

Поврзани новости