Веста која денес ја соопшти велешкиот градоначалник Аце Коцевски, дека 22-годишно момче од Свети Николе починало од корона вирус, ја вознемири јавноста. Тој излезе со информацијата откако помеѓу граѓаните на Велес се прошири шпекулација дека момчето е по потекло од Велес.
Имено, како што пренесуваат велешките портали, момчето се лекувало во велешката болница, а минатата недела како итен случај било пренесено на Инфективна клиника во Скопје.
Свети Николе, општината која успешно се справуваше со вирусот на почетокот на пандемијата, во месец јули стана ново жариште, откако се инфицираа вработени во неколку фабрики. Потоа дел од фабриките привремено ги затворија погоните за работа, со цел спречување на ширење на заразата.
Исто така, веднаш по отворањето на градинките, во Свети Николе беше регистриран позитивен случај на вирусот кај вработена во градинката.
Од почетокот на пандемијата во оваа општина се инфицирале 316 лица, а според билтенот на Министерство за здравство од вчерашниот ден, активни биле 21 случај.
Околу тоа дали и колку се почитуваат мерките за заштита од вирусот во Свети Николе, се обидовме да стапиме во контакт со градоначалникот Сашо Велковски, но телефонскиот број во општината е исклучен.
Затоа пак, на официјалната Фејсбук страница на градоначалникот, може да се забележат вчерашните фотографии, кои тој ги споделил, од вечерна богослужба во црквата Рожество на Пресвета Богородица во Ѓуриште, за време на богослужбата на Брегалничкиот Митрополит Иларион, каде се забележува масовно непочитување на препораките на здравствените власти.
Во внатрешноста на црквата, голем број на народ, без дистанца и заштитни маски, исто како и во предворјето на црковниот објект.
Се добива впечаток дека светиниколчани не веруваат во вирусот, или пак не се плашат дека може да се инфицираат, и покрај застрашувачките податоци кои доаѓаат од надлежните институции.
Вики Клинчарова