Лекарската комора бара поригорозни казни за нападите врз докторите

by fokus

Лекарската комора преку соопштение најостро го осуди инцидентот што се случи викендов на Клиниката за токсикологија кога пациент физички го нападна дежурниот лекар, кој заврши на Ургентниот центар. Тие бараат против напаѓачот да се применат законите и нападот да се третира како напад врз службено лице.

-Нападот на здравствен работник на работното место претставува напад на службено лице. Лекарската комора бара од институциите на системот одговорно и енергично да реагираат на секое насилство во здравствените установи, преку доследно имплементирање на постоечката законска регулатива, но и нејзина измена со воведување на поригорозни казни, велат од Лекарската комора.

Според нив, неопходно е да се работи на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, а здравствените установи да преземат дополнителни мерки за заштита на медицинскиот кадар.

-Сведоци сме дека во изминатиов период докторите и севкупниот здравствен персонал стоечки се бореа за секој човечки живот и затоа Комората го осудува секое непочитување на нивната работа, труд, жртва и ризик со кој се изложуваат на највисоко ниво во пружањето на услугите. Пациентите мора да имаат предвид дека здравствениот персонал безрезервно и максимално се вложува за нивното здравје, за сметка на своите семејства. Затоа тие заслужуваат само поддршка, а не насилство, порачуваат од Комората.

Поврзани новости