Сведочи мајката на Тамара: Го бркав Тодоров по настани, не сакаше да ме сослуша ниту на улица

by fokus

Мајката на малата Тамара Димовска сведочи на денешното рочиште во Кривичниот суд за предметот на Јавното Обвинителство каде обвинети се членовите на првостепената и второстепената комисија во Фондот за здравство кои го одбиле барањето за операција во странство.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска е во судот во својство на сведок на обвинителството. Во прашањата од обвинителот таа хронолошки раскажа како на Тамара и била дијагностицирана болеста сколиоза една година по нејзиното раѓање. Откако терапиите не вродиле со плод и била вградена шипка.

По шест месеци било констатирано дека треба да и биде вградена уште една шипка од другата страна на рбетниот столб, но тоа никогаш не се случило затоа што, рече мајката, професорот кој ја оперирал заминал во пензија. Голготата продожила кога на Тамара и била извадена вградената метална шипка, затоа што и го нарушувала здравјето. Интервенцијата била извршена во Клиниката Филип Втори.

-Докторот кој ја оперираше ми ја донесе буквално во раце и рече дека доколку не се оперира во најкус можен рок, дека постои можност да почине. Ми рече дека има големо оштетување на белите дробови и градниот кош. Ни напиша план како треба да се изведе лекувањето на Тамара и вградувањето на нова шипка која би ја носела цел живот. Со сите документи се обратив на Клиника. Добив конзилијарно мислење, потпишано од тројца доктори, дека поради специфичноста на болеста пациентката мора да се лекува во странство – рече Димовска. Како што раскажа таа, документите и стручното мислење потоа ги предала во Фондот за здравствено осигурување.

-По долгото чекање добивме бомбастично решение во кое пишуваше дека не се исцрпени сите можности и дека Тамара може да се лекува тука и дека мораме да го чекаме отворањето на новиот спинален фамозен центар. Ден денеска не ми е јасно ова – посочи таа. Жалбата на ова решение била одбиена со истото образложение.

-Сите доктори каде што ја однесов рекоа дека не може никој да ја оперира и да ја лечи бидејќи има големо искривување на рбетниот столб. Докторот кој ја оперираше во Филип Втори се чудеше како тоа дете воопшто живее со 80% искривување. Во неколку наврати тој се јавуваше во Фондот и бараше средба за да им објасни колкава е тежината на оваа болест и дека итно треба да се оперира. За жал не беше ниту примен ниту сослушан – сведочеше Димовска. Таа продолжи велејќи дека потоа побарала помош од медиумите по што јавноста се запозна со случајот.

-Докторите се чудеа. Таа едвај одеше. Сите ме прашуваа што чекаме, им велев дека не знам ниту јас, најверојатно смртта ја чекавме бидејќи ниту една институција не ни помогна – додаде мајката. Таа раскажа дека помош побарала и од тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, но дека не бил достапен за неа.

-Го бркав секој негов настан со цел да му ја однесам документацијата и да го запознаам со случајот, но не успеав бидејќи немаше време да ме сослуша ниту на улица. Не бев примена од негова страна. За медиумите тој изјавуваше дека Тамара е оперирана седумпати во странство и дека и е потребна уште една операција, но јас знам дека Тамара не е лекувана во странство ниту еднаш и дека е оперирана само два пати. Изјавуваше дека ќе се заложи државата во целост да ги покрие трошоците за лекување, но државата и институциите ми пратија решение за лекување во странство три дена откако Тамара почина – подвлече Жаклина Димовска.

Според нејзини информации, наводно пред да биде одбиено барањето на Тамара била издадена наредба сите дечиња со истата дијагноза да се одбиваат за лекување во странство. Станувало збор за вкупно пет дечиња, меѓу кои била и Тамара. Рочиштето продолжува со директно испрашување од обвинителот, по што ќе следи вкрстено испрашување од одбраната.

Поврзани новости