Средба Заев – Бартол: Македонија е на добар пат кон ЕУ и НАТО

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија.

„Поттикнавте позитивна енергија што се чувствува во земјата, а ја чувствува и Брисел, преку демократските политики на новата Влада на инклузивност и градење мостови меѓу граѓаните во земјата, добрососедство во регионот и отворена меѓународна соработка. Правецот во којшто се движи Македонија е добар и отвора перспективи за граѓаните и за евро-атлантските апсирации на земјата“, изјави на средбата Бартол.

Тој му го честиташе на премиерот Заев преземањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија и изрази отвореност на Канцеларијата на НАТО во Македонија, за помош и поддршка во сите чекори што ги прават Владата и нашата држава, за членство во НАТО Алијансата.

„Свесен сум дека е време за лидерство што ќе обезбеди напредок на државата и од Македонија ќе создаде земја на среќни луѓе. Тоа е моја цврста цел, како и на новата Влада. Затоа Владата е одлучна, да ги остави предрасудите во минатото и да ја обезбеди иднината на државата, којашто е во НАТО и во Европската унија“, рече премиерот Заев.

На средбата, премиерот Заев го повтори очекувањето дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја членка на НАТО, за што од страна на претставниците на Канцеларијата на НАТО во Македонија е изразена јасна поддршка.

Поврзани новости