Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.862.584 лица заразени со новиот корона вирус. Од нив починати се 114.982, а оздравеле 431.734.
– Шпанија регистрира рекордно мал број на починати од Ковид-19 за едно деноноќие, односно во последните 24 часа починале 517, наспроти 619 вчера, соопшти денеска Министерството за здравство. Вкупниот број на починати во земјата достигна 17.489, а заразени се 169.496 луѓе.
– Конгресот на Салвадор го продолжи националниот закон за вонредни состојби кој и овозможува на Владата да продолжи одредени здравствени мерки со цел спречување на ширењето на корона вирусот.
– Јужна Кореја утре ќе испрати 600.000 комплети тестови во САД. Ова е првпат Јужна Кореја да испраќа тестови во земјата на барање на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Во Австрија благо расте бројот на новозаразени, расте и бројот на починати, но и на излекувани. Досега со корона вирусот се заразиле 14.080 лица, од кои 368 починале. Според австриското МВР, 7.343 инфицирани се излекувале.
– Во Унгарија во изминатите 24 часа бројот на заразени достигна 1.458, а има и 10 нови смртни случаи. Вкупниот број на починати од Ковид-19 изнесува 109, а оздравеле 120 пациенти. Тестирани се вкупно 34.819 луѓе.
– Во Русија денеска се потврдени 2.558 нови случаи на корона вирусот, најмногу за еден ден, со што вкупниот број на заразени се зголеми на 18.328. За 24 часа починале уште 18 лица, а вкупниот број на жртви изнесува 148 луѓе. Закрепнале 1.470 пациенти.
– Црна Гора втората половина на мај би можела да ја дочека со постепено укинување на некои мерки, изјави министерот за здравство Кенан Храповиќ, но истакна дека тоа зависи од однесувањето на граѓаните.