Со маска на лицето учениците во Грција се враќаат во училишните клупи

by fokus

Сите ученици во Грција, со задолжителна употреба на маска, се враќаат во училишните клупи, но и студентите на сите факултети во земјата, соопшти попладнево министерката за образование на Грција Ники Керамеос, јави дописничката на МИА од Атина.

Керамеос објасни дека иако е планирано учебната година да започне на 7 септември, сепак постои можност да се се пролонгира, бидејќи целта е една седмица пред почетокот на наставата да нема раздвиженост и патувања на учениците за да се спречи евентуалното ширење на коронавирусот и упати повик до родителите, до крајот на август да се вратат од одмор.

Во однос на маските рече дека за сите ученици и просветни работници ќе бидат обезбеднени бесплатни платнени маски, ќе бидат задолжителни во затворените простори, односно во внатрешноста на училиштата, со исклучок на паузите за јадење.

За разлика од периодот по карантинот кога одново се отворија училиштата во Грција и секое одделение или клас беше поделено во две групи и наизменично, преку еден ден следеа настава, сега, во новата учебна година, не е предвидено такво нешто, туку наставата ќе се одвива регуларно, со сите ученици.

Керамеос рече дека во просек, секое одделение има по 17 ученици.

Дел од владиниот план вклучува и информирање на учениците за мерките за заштита од Ковид-19.

Во текот на новата учебна година во Грција нема да се одржат екскурзии, ниту училишни спортски натпревари.

Доколку се појави позитивен случај на Ковид-19 кај некој од учениците, ќе се следи специјалниот протокол од Националната организација за јавно здравје на Грција, ќе се затвора одделот, а не целото училиште, ќе се врши проверка на контактите, како и дезинфикација на просторот.

Во однос на високото образование во земјата, Керамеос рече дека студентите, регуларно се враќаат во амфитеатрите на Универзитетите во целата земја, а доколку на предавањето присуствуваат над 50 студенти, ќе се одржи онлајн, а исто како и за учениците, задолжителна е употребата на маска.

Регуларно ќе работат и студентските домови во цела Грција, додека пак за библиотеките задолжителна е употребата на маска и одржување на потребното растојание од еден и пол метар. МИА

Поврзани новости