Скопје одбележува 57 години од катастрофалниот земјотрес

by Fokus

Скопје со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени. Оваа година, поради специфичната состојба со пандемијата на Ковид-19, сите активности ќе се организираат согласно строгите протоколи за вакви настани на Владата и Министерството за здравство.

Цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел денеска ќе положат делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од потпретседателот Горан Мисовски и Жаклина Пешевска, делегација на Владата предводена од вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и делегација на Советот на Град Скопје.

Град Скопје и јавните културни установи традиционално ќе организираат голем број на настани.

„МКЦ за Скопје“ е мултимедијалниот настан кој денеска ќе го организира Младинскиот културен центар за одбележување 57 години од скопскиот катастрофален земјотрес. Настанот ќе се одржи во паркот на МКЦ по соодветен протокол и почитување на мерките за заштита. Бројот на посетители ќе биде ограничен, влезот е бесплатен, но со билети кои може да се набават преку bileti.mkc.mk.

По повод 57-годишнината од скопскиот земјотрес, Кинотека и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) премиерно ќе прикажат два документарни филма: „Првата светска војна, сеќавања” на Роберт Јанкулоски и „Преживеани спомени” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Настанот, насловен „Сеќавања“, е закажан за вечер, со почеток во 21 часот.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат храна за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје.

Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 до 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.

И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 57 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од  земјотрес со јачина  од девет степени  по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.

Поврзани новости