Пет месеци од првиот случај на Ковид-19 во земјава, досега вирусот потврден кај 9.934 луѓе

by Fokus

По точно пет месеци откога во земјава беше регистриран првиот случај на КОВИД-19 – на 26 февруари кај жена која допатува од Италија, опасниот вирус досега е потврден кај 9934 луѓе. Од нив, излекувани се 5357, активно болни се 4117, а починаа 460 пациенти.

Во овој месец беа негативните рекорди на заразени и починати од почетокот на епидемијата. Бројот на новодијагностицирани во 24 часа двапати надмина 200 – на 10 јули беше 205 и на 18 јули – 241. На 2 јули починаа 15 пациенти – најголем број во едно деноноќие.

Позитивни на коронавирусот се вкупно 9934 заклучно со вчера, а 94.092 тестирања се направени досега. Во вкупниот биланс се и најновите 137 случаи од 1542 тестирања. Шеесет од нив се во Скопје, 16 во Штип, 13 во Куманово, 11 во Гостивар, седум во Тетово, по пет во Кичево, Дебар и Битола, три во Прилеп, Велес и Свети Николе и по еден нов случај во Струга, Охрид, Кочани, Пробиштип, Демир Хисар и Виница.

Во 460-те починати се и деветтемина пациенти за кои беше соопштено вчера (по поминати 24 часа) – тројца од Скопје, по двајца од Куманово и од Гостивар и по еден пациент од Штип и Струга.

Институтот за јавно здравје вчера регистрираше и 103 оздравени пациенти: 53 во Скопје, 11 во Струмица, девет во Ресен, седум од Тетово, шест од Прилеп, пет од Велес, тројца оздравени од Кичево и Дебар, двајца од Битола и по еден од Штип, Кавадарци, Струмица и Крушево. Со нив, вкупниот број излекувани е 5357.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на Фејсбук објави дека и покрај благиот раст на активни случаи, процентот на хоспитализирани лица заболени од Ковид-19 во изминатите две недели е намален за речиси два процентни поена.

Во светот до вчера заразени со Ковид-19  се  15.736.499 луѓе, според евиденцијата на Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Бројот на оздравени надмина девет милиони (9.043.203), а жртви на пандемијата, според статистиката на Универзитетот, се 639.652 луѓе.

Поврзани новости