Шведскиот крал: Не успеа нашата стратегија во борбата со Ковид-19

by fokus

Шведска не успеа во одговорот на пандемијата на коронавирусот, особено кога станува збор во заштитата на најстарите лица, изјави денеска кралот Карл XVI Густав.

– Мислам дека не успеавме. Имаме голем број починати и тоа е страшно, истакна шведскиот крал.

Во Шведска, каде живеат околу десет милиони жители, досега починале над 7.800 луѓе како последица на Ковид-19, што е значително повеќе од соседните нордиски земји.

– Оваа пандемија е страшна кога ќе го земеме предвид бројот на смртни случаи, колку има тага и фрустрации во многу семејства, но и кај сопствениците на фирми кои се на колена, нагласи кралот Карл XVI Густав.

Според шведскиот Устав, кралот нема формална политичка моќ и при изразување на своите ставови многупати бил критикуван за пречекорување на овластувањата.

На почетокот на пандемијата, кралот Карл Густав и кралицата Силвија се самоизолираа во палатата Стенхамер, околу 120 километри југозападно од Стокхолм. Неодамна нивниот син, принцот Карл Филип, заедно со неговата сопруга, отидоа во карантин откако било потврдено дека се позитивни на Ковид-19.

Поврзани новости