ОБЈЕКТИВНО ТОЛКУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВЕНО УРЕДУВАЊЕ

by Fokus

Пишува проф. д-р Синиша Наумоски, директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје – Хајделберг Институт

Во ова т.н. „време – невреме“, размислував на темата на која е добро да се пишува, а сè со цел да се даде некаков придонес кон читателите на „Фокус“. Несомнено, повторно актуелна во овој период е тематиката посветена на состојбите и перспективите на македонската економија. Покрај здравјето, се разбира, за кое сите сме согласни, и без дилеми дека е најважно, многу од граѓаните се желни или имаат потреба да прочитаат и да дебатираат за домашните економски состојби и перспективи, особено за следната нова година, како и воопшто за состојбите на микро и макроплан за економијата на среден рок. Тоа ќе го оставиме за новогодишната колумна.

Оттука, за целите на ова писание се присетив на една мисла, која во повеќе наврати во минатото знам да ја произнесам, а таа гласи: „Основната цел, на секој човек, треба да биде објективноста“. Тука, се поставува прашањето: Дали, воопшто постои објективност како општествена карактеристика на поединецот или групите при денешната комуникација? Одговорот е јасен и недвосмислен: НЕ. Според тоа, кога веќе повеќето од нас сме свесни дека објективниот човек и интерпретацијата на фактите имаат само субјективна потпора за личен интерес, поточно се засновани на лично толкување на вистината на начин што поединецот смета дека треба да ја прифати и да ја произнесе надвор во околината, токму тогаш, со право може да кажеме дека вистинските вредности полека се губат.

Практично, во вакви услови разумниот поединец не може да покажува симптоми на ентузијазам, креативност и иновативност. Или ако милувате со други зборови, конфузен човек никако не може да биде креативен. Човек што изгубил верба во секој друг човек што го опкружува, единствено станува помалку интровертен и депресивен, со единствена покорност само кон „желбата за профит“. Според мене, ако сите се менуваме во насока на објективност кон фактите, и направиме барем по едно добро дело (месечно/квартално), а без притоа да имаме личен интерес од тоа, ние сме придонеле кон општествениот прогрес за „еден милиметар“ понапред. (Ова е според еврејската филозофија. Во САД е малку поинаку – види подолу). Така, чекор по чекор, ефектот ќе се почувствува. Кога општеството прогресира, иако полека, но движејќи се, тоа ослободува простор за експанзија во економијата. Таа оди напред, и на долг рок, ако оваа „еврејска мудрост“ ја имплементираме ќе создава т.н. скандинавско капиталистичко уредување. Нели, веќе е доцна да го бараме „системот на Другарот“, но можеме да направиме сличен на тој. За таа цел, имаме сѐ уште живи сведоци. Тука, кога велам „да го направиме сличен“, мислам на скандинавскиот модел. Практично, тој е еквивалентен на поранешниот наш систем од пред 1990-тите.

Денес, иако заглавени во повеќе општествени реформи, околу 30 години, велам дека има оптимизам. Би рекол дека македонската држава и економија има само еден и единствен пат, а тоа е: вистинско капиталистичко пазарно уредување, по примерот на скандинавските земји, Германија и сл. (за читателите од дијаспората, каде што нѐ има најмногу, ќе го земам примерот на општественото уредување во: Канада, Австралија или САД). Не постои друг пат.

Кога пишувам за македонското општествено уредување, покрај сѐ што поминавме, во сите сфери на дејствувањето, јас сум на мисла дека ќе преовлада оптимистичкото сценарио. Но, сето тоа зависи од самите нас. Поточно, системот го прават единките, а тоа сме самите ние. Единките (ние) ги правиме институциите, а не обратно. Ако, институциите не функционираат, знaчи дека не функционираме НИЕ. Да не го заборавиме тоа! Имено, не смееме да ги обвинуваме институциите за кои знаеме дека не функционираат, туку треба да се свртиме секој кон себе. Да се обвиниме самите себе, затоа што сме ние чинителите на овие македонски институции. Тоа е здраво. Еве да се земам прво јас како пример. Во минатото, често доживував обвинувања или навреди за одредени мои постапки или карактерни особености. Имено, за таквите обвинувања, критики и останати непријатности, никогаш, ама баш никогаш не се лутев на окружувањето (читај: на (не)пријателите), иако многукратно и најчесто правдата беше на моја страна. Јас го правев спротивното и потешкото – се вртев кон себе, со цел да се променувам. Така секој ден. Тоа ми беше континуитет. Егото може да ни биде отпорник во оваа процедура, но се справуваме со тоа токму кога примаме навреда од (не)пријателите… Чинам дека успевав во тоа. Практично, тоа беше искушение или филтер за мое општествено менување како индивидуа (читај: општествено да пораснам). Но, за оваа тема ќе биде потребно многу повеќе простор – ќе биде потребно една цела „книга“.

Да се вратам на основната тема. Имено, сега можеби ќе ме критикувате за субјективното толкување на вистината или можната моја нарушена објективност. Но, за таа цел го поставувам следново прашање: Од каде ја влечам таа доза на оптимизам во моите размислувања? Ајде, најпрво да го погледнеме американското искуство, па потоа израелското.

Американското искуство како модел за развој на македонското општествено уредување

Во 2017 година имав прилика, при посетата на САД да разговарам со директорот на Фондацијата „Наполеон Хил“, проф. д-р Дон Грин. Иако поминаа четири години, сепак е добар момент, повторно да го споделам моето американско искуство. Имено, Хил е еден од создавачите на успешни капиталистички лидери во САД, т.е. претприемачите како што се Хенри Форд и Џон Роквелер. Исто така, во неговата богата кариера е запишано дека тој бил советник на двајца претседатели на САД, Вудроу Вилсон и Френклин Рузвелт. Денес, неговите дела се голема инспирација на актуелните нови светски бизнис тренeри и плејада на млади т.н. мотивациски говорници (најголем дел од денешните тези, речиси сите, може да се најдат во книгите на Хил, напишани на почетокот на 19 век).

Според тоа, сум на мисла дека не е ниту најмалку случајно што САД се имаат здобиено со референцата „најбогата и најслободна“ земја во светот. Американската држава е наречена „земја на можности“ поради постоењето на прецизно зацртани и јасно дефинирани ЦЕЛИ. Тоа, во една неодамнешна изјава, на јавен говор го кажа и новата американска потпретседателка – Камила Харис, која и самата е одличен пример за тоа дека „во Америка секој може“.

Како што вели професорот Грин од фондацијата „Хил“, во една наша дебата на Вејс Колеџот, Ендрју Карнеги е еден од ретките што покажал разбирање за човековата желба за изобилство. Тој се раководел според мудроста од своето прaктично животно искуство во однос на луѓето во САД, така што присвоил нов метод на поделба на своето богатство, бидејќи ја препознал човековата слабост во вечната желба да се добие нешто, а за возврат да не се даде ништо. Практично, Карнеги знаел дека луѓето од сите видови на професии, низ целата историја на цивилизацијата, трагале по т.н. „земја во која тече мед и млеко“. Затоа, тој на мудар начин ја промовирал силно, во тоа време, тезата дека подарок во каков било облик, без никаква противуслуга, најчесто му штети отколку што му користи на тој што го добива. Така започнува американската претприемачка филозофија (на крајот од 18 век) на која почиваат денешните темели на успехот на САД. Тоа се должи на филозофијата на Карнеги, кој сметал дека секој подарок што го добиваме треба да има одредени услови, со цел оние кои ќе го добијат да бидат лишени од навиката да доаѓаат до бенефитите без да даваат нешто за возврат. Кога тоа еднаш ќе се воспостави во праксата на луѓето, успехот на ниво на цела заедница е неминовен. Тогаш, така сметал Карнеги, а се покажа дека е многу легитимна ваквата теза. Би подвлекол дека, токму така до ден денес функционира американскиот систем.

На што е последица ваквата системска поставеност на американскиот модел за успех?

Тоа е последица од тоа што слободата, животот и правото на избор, тежнеењето кон среќа и програмата за изобилство, како цел на секој еден граѓанин, го сочинува темелот на развој на САД. Целата филозофија на успехот на американскиот модел на систем започнува со работникот. Имено, работниците започнале да ја изразуваат личната иницијатива како поединци и подоцна за остварување на целите како групи со синергија, а потоа поради сигурност и заштита на корпорациите, со капиталот кој самите го создале тие и другите, завладеале со вештината – продажба (sales), за потоа да се појави конкурентноста и индивидуалната иницијатива. За индивидуална иницијатива неопходно било изобилие од позитивни мисли во сетот од мисли. Со еден збор, срцето на американскиот систем го претставуваат: силна верба, економичност, соработка, заемна доверба, лична иницијатива и чувство на праведност во човековите односи.

Оттука, сега ако направиме една паралела со македонскиот општествен систем, поточно да се навратиме на почетните тези, каде што пишував дека македонските единки чинители на системот имаат изгубено верба во секој друг човек што ги опкружува, останувајќи само „желбата за профит“, а за сметка на другите (многу поважни) чинители на успехот, како на индивидуално, така и на колективно ниво, тогаш со право може да констатираме дека вистинските вредности се веќе изгубени. За таа цел, ајде да си дадеме одговор на следниве прашања:

  • Дали, целата филозофија на успехот на македонскиот модел на систем, започнува со работникот?
  • Дали, во индивидуалната иницијатива кај македонските граѓани има изобилие на позитивни мисли?
  • Кои од карактеристиките на американскиот систем, како што се: силната соработка на единките, заемната доверба, личната иницијатива и чувство на праведност во човековите односи, се силно изразени во македонскиот општествен систем?

 Израелското искуство како модел за развој на македонското општествено уредување

ПРОДОЛЖУВА…

 

 

 

 

Поврзани новости