Светската здравствена организација (СЗО), вчера соопшти дека открила нова душевна болест, која ја нарече Шилегов синдром. Научниците од СЗО, со години ги проучувале душевните состојби на балканските функционери и заклучиле дека дел од нив болуваат од ендемски вид на душевно нарушување, кое го има само во Македонија.
„Ова растројство не се лечи, ама, за среќа, може да се спречи. Препорачуваме секој што има два или три стана на улицата „Димче Мирчев“ или фирми во Панама и Лугано да ги избегнува пресовите на СДСМ“, стои во соопштението од здравствената организација, од каде што појаснуваат оти шансите некој да заболи се помали доколку пресот на Петре Шилегов го чујат од втора рака, раскажан.
Според препораките на СЗО, болките од овој синдром може да се ублажат ако редовно се земаат медикаменти, кои во Македонија од скоро се на позитивната листа на Фондот за здравство. „Латасприм“, „миленкодол“ или генерички „афримит“ и во поголеми дози „нетпресан“ и „куриртрол“ може да ги ублажат ефектите од оваа сериозна болест.