Шеталиштето во Солун ќе биде затворено, бидејќи граѓаните не ја почитувале забраната за движење.
„За жал, принудени сме да го ограничиме движењето на шеталиштето, бидејќи сме должни да го заштитиме јавното здравје“, напиша на „Фејсбук“ заменик министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, соопштувајќи дека, шеталиштето покрај морето во Солун ќе биде затворено преку недела од 14 до 8 часот и целосно за време на викендите, јави дописничката на МИА од Атина.
Одлуката стапува во сила денеска и ќе важи 14 дена, а доаѓа откако веќе неколку дена, шеталиштето е полно и покрај забраната за движење на граѓаните во Грција.
Градоначалникот на Солун Константинос Зервас, говорејќи за грчките медиуми вчера рече дека доколку не биде донесена одлука од владата, тој лично ќе го затвори, по што следеше соопштение од Генералниот секретаријат за цивилна заштита.
Заменик министерот за цивилна заштита на Грција вели дека одлуката е донесена со согласност и на градоначалникот на Солун и на префектот на областа централна Македонија.
-И покрај нашите континуирани препораки за ограничено движење и само од витална потреба, за жал нашиот повик беше разбран. Должни сме да го заштитиме јавното здравство без отстапки. Непочитувањето на мерките и правилата за движење, носи нови, за жал, построги мерки, вели Хардаљас.