Во месец април бројот на новозаразени во светот никогаш не достигна 100.000 за еден ден, додека пак на 3 јуни достигна 130.400, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на статистиката од Универзитетот Џон Хопкинс.
Овој феномен може делумно да се препише на фактот дека капацитетите за тестирање се значително проширени, што не е случај насекаде, така што сè уште не е можно да се обезбеди јасна слика за секоја земја.
Многу од земјите што првично беа погодени, како Кина, САД, Велика Британија, Италија, Шпанија и Франција, сега доживеаја пад на епидемиолошките бројки, но ширењето на заразата се чини дека забрзува во многу други земји, особено во Јужна Америка, Африка и Блискиот Исток.
Во Либија, Ирак, Уганда, Мозамбик и Хаити, бројот на позитивни случаи секоја недела двојно се зголемува, а во Бразил, Индија, Чиле, Колумбија и Јужна Африка тоа се случува на секои две недели.
Светската здравствена организација предупреди дека најголемото зголемување на бројот на заболени сè уште е забележано на американскиот континент, каде што дневното зголемување е поголемо со недели од вкупниот број во другите делови на светот.