Премиерот официјално ќе ја започне својата кампања на загриженост за иднината на граѓаните

by lali

Со договорот за предвремени парламентарни избори во април 2016 година, Премиерот и официјално ќе го започне својот деветмесечен маратон, глумејќи загрижен и целосно посветен на интересите и проблемите на граѓаните што ги мачат изминативе години.

Во разговор со неговите блиски соработници, тие посочија дека подготовките за оваа кампања се при крај, а неговата емпатија кон граѓаните на Македонија е дојдена до завидно ниво, ниво кое последниве години воопшто и не постоеше.

„Премиерот постојано вежба како да клима со главата додека слуша некаков проблем од граѓаните, како со погледот да изгледа загрижено и како сето тоа да предизвика надеж на оној кој говори, се жали и го раскажува проблемот,“ ни објасни еден од креаторите на оваа кампања.

Без разлика дали новата преодна влада за излез од политичката криза ќе биде предводена од него или не, тој реши својата кампања на покажување загриженост, посветеност и слушање на гласот и проблемите на граѓаните да ја започне од први јули оваа година и да трае до април следната година, односно до почетокот на предвремените парламентарни избори

Како ќе помине оваа кампања на Премиерот кај граѓаните и колку таа ќе предизвика промена, останува да видиме. Но после бомбите, со сигурност овој пат ќе му треба повеќе напор и пари за да ја врати изгубената доверба кај разочараните граѓани, кои порано ако во него гледаа лидер што се залагаше за нивната иднина, тој сега во нивните очи е човек што повеќе се грижи за себе, отколку за тоа каква ќе биде иднината на народот и државата.

 

Напомена: Вестите се измислени и сатирични и служат како пародија од моменталните политички збиднувања во државава. Но не ја исклучуваме можноста тие во иднина по некоја случајност да станат реални и точни.

Поврзани новости