Полицијата испрати патроли на релација Демир Капија – Удово, присуството на Итна помош неизвесно

by Fokus

Откако пред три дена ,,Фокус” извести дека на патот Демир Капија – Удово, и покрај големата фреквенција на возила кои што патуваат во Грција, нема ниту една полициска патрола, вчера нашата екипа регистрираше дури три патроли, кои што го контролираа сообраќајот.

Зголемениот број на туристи, посебно од соседна Србија, кои традиционално летуваат во Грција, придонесува патувањето на оваа релација да биде високо ризично, особено поради непочитување на дозволената максимална брзина, претекнување на полна линија, и уморот на возачите поради предолго возење.

Покрај полициските патроли, не ги забележавме медицинските екипи од здравствени домови кои што во летниот период дежураат на овој патен правец.

Дознаваме дека нивното присуство зависи од одлуката на Министерство за здравство, а се уште немале добиено соопштение, дали воопшто оваа година ќе дежураат.

,,Пред две години дежурствата на релација Демир Капија – Удово ни започнаа на 15-ти јуни, а требаше да траат до 15-ти септември. Дежуравме екипи од здравствените домови од Кавадарци, Неготино, Велес, Штип, Гевгелија, Валандово и Струмица. Поради бранот со бегалци, кој што беше актуелен тогаш, не повлекоа на границата, и ги прекинавме дежурствата. Лани дежуравме во месец јули и август. Но оваа година, дури и да се бара тоа од нас, ние од Кавадарци нема да испратиме наша медицинска екипа” – раскажува нашиот извор од Здравствен дом Кавадарци.

Според него, причината што морале да ги одбијат дежурствата на патот е што немаат доволно лекари во итната служба.

– Имаме само осум лекари, а мораме да покриваме многу сфери. Одиме на домашна посета, вакцини, на терен. Во летниот период, во време кога и лекарите заминуваат на одмори, не можеме да пристигнеме. Ова е голем проблем, растргнати сме од работа, се случува пациенти да не пцујат, бидејќи доаѓаме со каснење. Многу лекари си заминаа во странство, и ова е прашање кое што конечно треба да се отвори” – вели познат лекар од Кавадарци, чиј што идентитет е познат на нашата редакција.

Тој додава дека не знае дали и останатите здравствени домови, од другите градови ќе бидат во можност да испратат свои екипи на терен, токму поради истиот проблем, недоволниот број на лекари.

Лани, медицинските екипи дежураа во близина на бензинската станица кај Демир Капија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости