Заев: Прва задача на владата е да ја тргне условената препорака од ЕУ

by Fokus

Целта е да ја тргнеме ако може условената препорака, ако даде господ со добра работа преку реформите и со посветеност на сите во земјата, и власт и опозиција, да овозможиме надеж дека ќе почнеме преговори со ЕУ час поскоро. Знаете дека тоа прашање зависи и од горливиот проблем кој Грција го има со нашето уставно име, но ние сакаме да работиме во тој правец со цел да предизвикаме старт на големо охрабрување и оптимизам кај граѓаните за она што не чека во периодот пред нас, истакна премиерот Зоран Заев по денешната прва средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар во Владата.

– Нема поважна цел за Македонија од интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Имавме плоден состанок повеќе од еден час на кој разговаравме за сите детали и за обврските на Владата кои што треба да ги направи на нашиот пат кон ЕУ. Разговаравме за започнатите проекти и за контиунитет во работењето, но најмногу разговаравме за реформите и ги дефиниравме агендите кои ни претстојат. Новата влада е комплетно оптимистички настроена, целосно е позитивна и би сакале нашата позитивна енергија да ја пренесеме на граѓаните, затоа што верувам дека така сами на себе ќе си помогнеме како земја – рече Заев.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар му честитал на Заев за преземањето на функцијата.

– Сега имаме Собрание кое функционира, Влада која функционира и тоа ни дава уверување дека земјата излегува од кризата и дека можеме да гледаме кон иднината со оптимизам. Сега е време да се почне со вистинската работа. Да се почне работата со реформите. На премиерот му ја искажав нашата подготвеност да помогнеме, да поддржиме, спремни сме да овозможиме упатства и помош за се што ќе и биде потребно на Владата за да ги направи реформите. Но на крајот секако одлуките ќе бидат на Владата – рече Жбогар.

Жбогар додаде дека победата на „Вардар“ вчера влеала голем оптимизам кај луѓето.

Поврзани новости