„Ареа“ во пресрет на концертите во Скопје: Ќе се претставиме со сосема нов аранжман на музика!

by Fokus

Викендов во Македонска Филхармонија ќе се одржат двата концерти на рок бендот „Ареа“, а членовите на групата најавуваат акустична музичка магија и патување низ нивната тридецениска музичка кариера.

Два концерти „Ареа“ одржа и во 2010 година во Универзалната сала, а интересно е што овојпат на сцената друштво ќе им прават четири девојки кои се членки на Филхармонија.

-Со нас ќе настапат уште четири девојки кои се членки на Филхармонија, две на виолина и две на виолончело. Така ќе се претставиме со сосема нов аранжман на музика, којшто се разликува од оние кои ги слушала публика на нашите концерти во живо, вели Ружица Милошеска-Брчиоска и додава дека со оглед на тоа дека „Ареа“ постои 31 година и зад себе имаат седум албуми на сцената ќе има музика за сечиј вкус.

Дека двата најавени концерти ќе бидат поразлични потврдува и Ивица Брчиоски, гитарист на групата „Ареа“ кој вели дека концертот ќе биде интересен затоа што аранжманите се комплетно изменети и се адаптирани на оркестарот со кој ќе свират.

– Станува збор за акустични аранжмани. Нема да има електрични гитари и ќе звучи сосема различно од она што до сега го слушнала публиката. Ќе биде интересно за слушање, вели Брчиоски.

Првиот концерт закажан за 19-ти април е одамна распродаден, додека за вториот, саботниот, биле останати уште мал број на билети.

Вики Клинчарова

Поврзани новости