Сале Тропико со фалби за „Браво бенд“: Тие знаат што сакаат!

by Fokus

„Љубав преко мреже“ е насловот на новата песна на момците од „Браво бенд“, која е само продолжение на приказната што почнаа да ја испишуваат со претходната нумера „Катаклизма“. Авторскиот тим и на двете песни е ист, односно музиката ја потпишува фронтменот на „Тропико бенд“ Сале (Александар Цветковиќ), текстот е на Драган Брајовиќ – Браја, додека аранжманот е на Јован Лазаревиќ – Тукс.

Песната излегува во исто време со спот, за кој кадрите се снимени на Преспанското Езеро, а кој е работен под режисерската палка на Ѓорги Вацев.

Приказната во спотот ја следи самата нумера и зрачи со позитивна енергија како и песната која претендира да стане летен хит, порачаа од тимот на „Браво бенд“ по промоцијата на новата песна.

-Се вели случајните работи се најубави, така беше и со оваа соработка со Сале и Браја. Случајно по еден заеднички настап со Тропико седнавме со Сале, направивме муабет и ете се изродија неколку песни. Две веќе слушнавте, вели Кире Денов, вокалот на ,,Браво бенд” и додава дека нема да застанат тука, но и нема да се ограничат само на снимање песни на српски јазик.
Наскоро, вели, излегува песна на македонски јазик, а во подготовка е и убав сплет со кавери.

-Годинава ни е јубилејна, па некако сакаме да покажеме, докажеме, но и да го оправдаме 20-годишното присуство на сцената, порача тапанарот во бендот Дејан Младеновски.

За Сале Тропико, кој присуствуваше на промоцијата која се одржа во познат скопски локал, да се работи со момци кои се талентирани и, пред сѐ, позитивни луѓе било големо задоволство. Вели дека тоа што и самиот е пејач не го спречува некоја добра песна да ја даде некому.

-Среќен сум кога некоја моја песна ќе стане хит, тоа што пеам и самиот никогаш не ми било пречка за некому да дадам добра песна наместо да ја чувам за себе.
Напротив, се радувам кога некој ќе ја донесе како што сум замислил. Се радувам што работам со овие момци затоа што се позитивни, талентирани и знаат што сакаат, истакна музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости