Почина шефот на руската Воено разузнавачка служба

by fokus

Шефот на Главниот директорат на Генералштабот на руските Вооружени сили (воено разузнавачка служба – ГРУ), Игор Коробов почина на 62 години.

Неименуван извор за руската новинска агенција ТАСС изјави дека Коробов починал вчера, за подцна информацијата да ја потврди руското Министерство за одбрана.

Генерал-полковник Игор Валентинович Коробов, началник на разузнавачката дирекција на Главниот штаб на Руската војска и заменик шеф на Генералштабот на руските Вооружени сили, почина на 62-годишна возраст по опасна болест, соопшти руското Министерство за одбрана.

Дел од западните медиуми објавија дека на Коробов му се слошило по бурниот состанок со „бесниот“ руски претседател Владимир Путин.

Според „Дејли мејл“ судирот помеѓу Коробов и Путин бил поради труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал во Солзбери, Англија. По средбата, Путин наводно изјавил дека Коробов се повлекува од функцијата шеф на ГРУ.

Но, таквите информации не се потврдени.

Руската тајна служба, позната како ГРУ, последните месеци беше обвинувана дека извршува хакерски напади од големи размери, вклучително и неодамнешниот обид за упад во комјутерскиот систем на Организацијата за забрана на користење на хемиско оружје. Исто така, постојат сомнежи дека двајцата осомничени за труењето на Скрипал и неговата ќерка,  се припадници на ГРУ.

Вмешаност на ГРУ се споменуваше и во обидот за државен удар во Црна Гора пред парламентарните избори во 2016 година.

ГРУ е една од трите шпионски агенции, а другите две се Сојузна служба за безбедност (ФСБ) и Надворешна разузнавачка служба (СВР). Иако е позната како ГРУ, агенцијата уште во 2010 година го смени името во Главна управа.

Шефот на ГРУ одговара на началникот на главниот штаб Валериј Герасимов и на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Структурата на агенција, бројот на агенти и финансии се државна тајна.

Поврзани новости