Османи на средба со Жбогар: Потребна е стабилна и функционална влада

by fokus

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бујар Османи, денеска оствари средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава Самуел Жбогар.

Како што соопшти СЕП, на средбата е разговарано за текот на изборите и пост изборната атмосфера во насока на политичката стабилност на земјата, a во пресрет на почетокот на преговорите.

-Во сложени околности под притисок на предизвиците од пандемијата имавме фер, слободни и компетитивни избори на кои граѓаните покажаа политичка зрелост, потврдувајќи ја европската перспектива на земјата, истакна Османи, изразувајќи притоа надеж дека европската перспектива ќе биде потврдена и во пост-изборниот период при создавањето на новото политичко мнозинство.

Како што посочи, на земјата и е потребна стабилна и функционална Влада, со европска перспектива, која ќе може адекватно да се подготви и да ги започне претстојните преговорите со ЕУ, како и да биде гарант за регионалната стабилност при решавање на важните регионални прашања.

Вицепремиерот изрази задоволство од постигнатиот консензус во ЕУ за повеќегодишната финансиска рамка, поздравувајќи го притоа и зголемувањето на средствата предвидени за земјите од Западниот Балкан за 10 отсто. Тоа, како што истакна Османи, само ја потврдува констатацијата дека Западниот Балкан сè повеќе се интегрира и сè повеќе станува внатрешно прашање на Унијата.

Поврзани новости