Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Главен координатор на Кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од КОВИД19, денеска оствари посета на Штип. Тој се сретна со претставници на локалниот кризен штаб во проширен состав на кој покрај градоначалникот Благој Бочварски и неговиот тим, беа присутни и претставници и на здравствениот систем во Штип, претставник на локалната полиција, како и претставници од бизнисот и работниците.
„Денеска имавме одличен и продуктивен состанок, оформена е директна комуникација меѓу локалната самоуправа, здравствените власти, претставниците на бизнисот и претставниците на вработените. Се донесе заклучок за поставување на т.н. КОВИД координатори во компаниите, но и во државните институции, кои ќе имаат директни овластувања да го следат спроведувањето на мерките и препораките во рамките на организациите и институциите, како и да овозможат нивна полесна меѓусебна комуникација. Искрено ме радува што постои и сериозност и волја кај сите и верувам дека со спроведување на мерките и препораките набргу ќе создадат услови за безбедно одвивање на работните процеси при што економските активности и на фабриките ќе можат да продолжат“, истакна Османи.
Тој додаде дека вториот бран на епидемијата покажува дека нема играње со вирусот.
„Токму брзиот раст во овој втор бран на епидемијата покажува дека нема игра со корона вирусот и ако навистина сакаме да обезбедиме услови за работа и на фабриките, но и на останатите економски субјекти, едноставно треба сите да сфатат дека мора да се почитуваат мерките и препораките за социјална дистанца, за само-заштита, за строго примена на заштитните мерки и носење маски и секако одржување на личната хигиена и навремена дезинфекција“, истакна Османи, посочувајќи на лажните вести и наменската пропагандата кои имаат за цел да ја манипулираат јавноста преку сомнежи за постоењето и сериозноста на коронавирусот.
Во овој контекст Османи уште еднаш потенцираше дека нема таков протокол, ниту рестриктивни мерки што ќе нè ослободат од одговорноста секој од нас да се грижи за спроведување на мерките и за самозаштита, бидејќи последиците од едно мало невнимание, кое предизвика брз продор на вирусот, се огромни. „Во ваков случај губат сите, и бизнисот и државата, и работниците, за што е потребно особено внимание и дисциплина особено при работата на економските субјекти, на фабриките, каде има голем број работници.“, потенцираше Османи