Седум нови случаи на корона вирус се регистрирани во Кавадарци денес. Станува збор за лица на возраст од 31 до 69 години, а две од нив се хоспитализирани.
Од почетокот на пандемијата во Кавадарци се регистрирани 133 случаи, а активни се 104.
Според Центар за јавно здравје Кавадарци, моментално во градот со Решение за изолација, односно бројот на лица кои имале контакт со веќе позитивните, изнесува 157. Во Неготино пак, активни се 12 случаи, а со Решение за изолација се 25 лица.
-Од она што ќе го изјават позитивните лица во анкетите, зависи и колку други, кои имале близок контакт со нив во изминатите две недели, ќе бидат изолирани. Обично сите изјавуваат дека биле во контакт со едно или две лица, тоа се гледа и од бројот на граѓаните кои добиле Решение за изолација поради контакт со инфициран пациент.
Се водиме од она што го кажуваат пациентите. Исто така, ретко кој потврдил дека знае од каде се инфицирал. Денес, на пример, од седум нови случаи, само еден изјави дека имал контакт со веќе позитивно лице. Останатите шест не знаат од кого се заразиле – велат од центарот.
Дали навистина позитивните имале многу малку контакти, или пак истите се кријат, останува нејасно.
Сепак, веќе цел месец бројот на инфицирани во Кавадарци секојдневно расте. На почеток, пред три-четири недели, најчесто се инфицираа млади лица, на возраст од 15 години, па нагоре. Изминатава недела, заразените се повозрасни граѓани.
Вики Клинчарова