Никогаш не е готово

by fokus 12:22
12:22

Некој човек кој бил многу сиромашен живеел на село и имал од имот една мала куќичка, мала нива и само еден коњ. Со помош на тој коњ, тој правел сѐ: орал, носел производи на пазар, го изнајмувал за другите селани кои што имале кобили за приплод, и слично. Но, еден ден, коњот му побегнал во шумата.

Се собрале неговите соседи да му изразат сочувство, оти знаеле дека тој за живот заработувал благодарение на тој коњ и дека за него и неговата фамилија отсега доаѓаат денови на сиромаштија и беда. Но, дошол и еден мудрец кој наместо да му ја изрази и својата жал за загубата на коњот, му рекол „Не тагувај, ќе видиш, ова не е последниот ден од твојот живот“.

По една недела, коњот самиот се вратил во селото и веднаш дошол кај својот сопственик, кој се радувал до небо, но уште порадосен бил кога сфатил дека коњот со себе довел и десетина убави, расни и млади кобили, кои кој знае од каде ги собрал пастувот. За неколку месеци, за сите кобили се утврдило дека се бремени и родиле сите убави, здрави ждребиња кои човекот ги продал и заработил многу пари.

- Advertising -

Отишол човекот кај мудрецот да му се заблагодари за советот и да му се пофали дека всушност тоа што коњот побегнал и не било лошо, туку прекрасно нешто и дека тој сака да даде подарок за школата на мудрецот, благодарност за оптимистичкиот совет. Но, мудрецот рекол: „Не се радувај, ќе видиш, ова не е последниот ден од твојот живот“.

По неколку години, синот на човекот го јавал коњот и животното во еден миг без причина нешто се налутило, и го фрлило момчето од грбот свој, па тоа си ги скршило двете нозе при падот, по што таткото се налутил и зел голем нож за да го заколе коњот кој го осакатил неговиот син. Но, во близина тогаш поминувал мудрецот кој му рекол: „Не лути се толку, ќе видиш, ова не е последниот ден од твојот живот“.

Веќе неколку дена подоцна, во селото дошол пратеник од царот кој со себе носел наредба сите момчиња способни да носат оружје да ги одведе со себе, во армијата на царот, оти се подготвувала голема војна. Бидејќи детето на човеков било со две скршени нозе – не било земено со другите момчиња да оди во војна. Во војната сите кои биле регрутирани од тоа село загинале.

Сфаќајќи дека со тоа што коњот го фрлил од грбот неговиот син всушност му го спасил животот, човекот му се заблагодарил на мудрецот повторно, но овој му возвратил: „Не благодари ми, ќе видиш, ова не е последниот ден од твојот живот“…

Поентата на оваа приказна е дека никогаш не можеме да знаеме дали некои работи кои на краток рок се порази, на долг рок можеби ќе бидат победи, или на краток рок се победи на долг рок ќе бидат порази.

КАКВА ВРСКА ИМА ПРИКАЗНАВА СО СЕГАШНОСТА?

Кога една власт ќе ги „реформира“ институциите, законите и менталитетот на народот дури, така што тие во дадениот момент ќе ѝ вршат работа нејзе, воопшто не треба да се радува дека еднаш засекогаш ја наместила играта во нејзина полза. Оти, како што покажува мудрата приказна од погоре, она што денеска е полезно, утре може да биде штетно и обратно.

Еве, кога во Хрватска требаше да се одржи референдумот за приклучување кон ЕУ (во 2012-та), политичката елита во Загреб беше уплашена дека граѓаните нема да излезат на гласање во доволен број и дека поради тоа ќе се одолжи приемот на државата во Унијата. Затоа, сите големи партии ја поддржаа иницијативата за промена на законот за референдум, промена со која се укина цензусот за излезност, и следствено, и покрај тоа што излегоа само 43,5% од гласачите, и од нив само две третини гласаа „за“ – Хрватска влезе во Европската Унија. Чин од историско значење за кој беше доволно согласност да даде само 25% од електоратот!

Во истата таа Хрватска пред десетина дена, се одржа уште еден референдум, овој пат за тоа дали да се легализираат геј браковите, но за разлика од оној референдум од 2012-та, целата политичка елита беше против конзервативната опција, а против беше и официјален Брисел. И на овој референдум имаше излезност помала од половината, и да не беше променет законот за референдум на времето, противниците на геј браковите иако добија најмногу гласови – немаше да можат да ја внесат во Уставот забраната за склопување геј бракови. Е ама законот беше променет, цензусот беше укинат, и сега резултатите од референдумот се легални и во Хрватска за неколку недели со Уставот ќе бидат ограничени правата на хомосексуалците.

Кога политичката елита во Хрватска го смени законот со цел да го олесни изведувањето на референдумот кој нејзе ѝ беше по ќеиф – тогаш беше задоволна, ама само година дена подоцна, се одржа референдум од чиј резултат политичката елита е крајно незадоволна, ама нема што да прави, оти токму промените во законот кои резултатите од првиот референдум ги направија валидни, ги направија валидни и резултатите од вториот.

Така е и со сите промени во законодавството, со зголемувањето на дискреционите права на јавните функционери, со создавањето на навика за неказнивост на корумпираната власт, со толерирањето на самоволијата на политичките моќници, како и со креирањето на осиромашен народ кој за малку пари е спремен да го продаде својот глас на изборите.

Во 2002-та Љубчо, Тачи и Бранко го создадоа сегашниот изборен модел, кој намерно беше дизајниран така да ги дискриминира малите партии. Не им текнуваше дека само девет години подоцна, на изборите во 2011-та токму малата партија на Љубчо нема да влезе во парламентот, иако да беше целата држава една изборна единица ќе добиеше три пратеници, и дека токму поради тоа, иако опозиционите партии добија тогаш повеќе гласови од владејачките, сепак власта остана во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Љубе Бошкоски кога беше министер за внатрешни, ништо не направи за да ја крене на повисоко ниво професионалноста на институцијата со која раководеше, оти тогаш му беше во корист да владее апсолутно со полицијата и да може да ја злоупотребува за пресметки со политичките противници. Не му текнуваше дека еден ден, и тој ќе биди репресиран токму од органите на која тој лично на времето им ја зголеми моќта и способноста да репресираат политички противници.

Денеска пак, актуелната власт речиси целосно ја стави под своја контрола медиумската сфера и економијата, а институциите добија практично неограничена моќ и не се веќе под контрола на јавноста. Ова денеска им е од полза на луѓето што се на власт, а од полза ќе им биде и утре на луѓето кои тогаш ќе се на власт. Само – нема да бидат истите луѓе, и оние кои денеска на други им копаат дискриминирачка дупка, ќе дочекаат самите да паднат во неа.

Поврзани новости