Дуизација

by Фокус

Политичкиот проект „дуизација“ е рожба од љубовниот грев на домашни родоотстапници и меѓународни камшикари зад сцената. Дведецениското апартхејдско господарење беше возможно единствено со соучесништво или барем премолчена согласност на статус кво партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Толковниот речник на македонскиот јазик содржи над сто илјади зборови, но не го дефинира значењето „дуизација“.

Јавно иницирам до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да предложи воведување на оваа нова одредница во дигиталниот толковен речник.

Описот на значењето треба да биде пежоративен, бидејќи феноменот веќе не е состојба, туку дијагноза.

Феноменот Демократска унија за интеграција (ДУИ), од паравоена формација на УЧК се трансформира во параполитичка партија.

Од формирањето до денес, никогаш не победила, а постојано е во власта, две децении најизменично со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Стана непишано правило дека „дуиџиите“ мора да бидат на власт, само поради непишаното правило „победник со победник“.

Промотор на ваквата вулгаризација беше Бранко Црвенковски во раните 1990-ти, а подоцна Никола Груевски ја верифицира со т.н. „Мајски договор“. Мафијашката логика по секои избори владата да биде формирана од победничкиот македонски и албански клан сесрдно ја поддржуваа евроатлантските кукловоди.

По нивен налог беше формирана и актуелната коалициска влада. Под мотото „Вистината за Македонија“, кланот СДСМ, во почетокот на 2015 година почна да објавува „бомби“ од незаконски прислушувани разговори од тајната полиција, кои ефектуираа т.н. Шарена револуција.

Иако ги изгуби изборите во 2016 година, странски камшикари формираа коалициска влада на СДСМ и ДУИ и го инсталираа Зоран Заев за премиер, со задача да го промени името на државата и нејзиниот идентитет.

ДИЈАГНОЗА

Во исконската желба за власт, испоснетите „комуњари“ ја дадоа задницата под кирија.

Префриганите „дуиџии“ аздисаа, па почнаа безобразно да уценуваат и да бараат „преку леб погача“.

Со само десетина пратеници добија измислена функција прв вицепремиер и апартхејдска ложа за политички систем, десетина министри во најбитните ресори, директори на институции и јавни претпријатија, под нивна капа ги ставија правосудството, економијата, финансиите, образованието, здравството, дипломатијата, вработуваа илјадници профанисти, фантоми, „ќораво и сакато“. Добија дури и технички премиер, но малку им е тоа, па сакаат и претседател на државата да се избира во Собранието со Бадентерово мнозинство.

Дијагноза „дуизација“! Синоним за приватизирана држава, девастиран систем и институции, мафијашко дејствување, наркокартели, тендераши, извитоперен синдром на однесување, општ јавашлук, разнебитување и креирање неорганизирана држава, во која единствено криминалот е организиран.

Тотална разваљотка! Во последно време, релативно често користен поим од рускиот јазик, дури и од параноичните и алергични на „руско влијание“.

Пародиите што секојдневно се случуваат, влегуваат во паранормална фаза.

Набавени медицински апарати со години стојат во подрум. МВР издава пасоши на 215 белосветски криминалци, ама нема за 600.000 македонски граѓани. Организиран упад од вработен во зградата за контрола за летање и физички напад врз тројца навигатори.

РОЖБА ОД ГРЕВ

Назначување на директорка на Државна клиника, која не знае македонски јазик, па две секретарки се ангажирани како преведувачки. Во „Македонска пошта“ нема поштари, ама речиси на секој од 1.800-те вработени има по еден раководител. Извршителите не го фермаат законскиот рок за застарување, па во моментот има над 220.000 блокирани сметки.

Управата за водење матични евиденции, само во текот на една година издала над 20.000 погрешни изводи… Сѐ „согласно законот“!

Има ли чаре за соодветна терапија на дијагнозата „дуизација“? Како паравоена формацијa стана водечка политичка сила? Кој овозможи да се искачи толку високо и задржи така долго на политичката сцена?

Логичниот одговор може да се добие само ако се тргне од генезата. Политичкиот проект „дуизација“ е рожба од љубовниот грев на домашни родоотстапници и меѓународни камшикари зад сцената.

Дведецениското апартхејтско господарење беше возможно единствено со соучесништво или барем премолчена согласност на статус кво партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со нивната сервилност, малодушност, сеирџиство, корупција и глупост.

Дуизацијата е рожба на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ќе остане национална траума, која ќе се лекува долгорочно.

Таа, не само што ја спречи Македонија на патот кон иднината, туку ја врати со децении назад.

Создаде отровен инкубатор за измамници, кариеристи и насилници, кои ограбија милијарди и го разнебитија општеството.

Централното прашање е дали по претстојните избори, Македонија ќе се преформатира во нормална држава или, пак, ќе продолжи дуиџискиот модел со полуграмотни аљази и џамбази, аљкави „евро“ еветчии и неморални рушветчии?

Поврзани новости