Патриотски грев

by Фокус

Историјата и политичката пракса немилосрдно, одново и одново, покажуваат и докажуваат дека „љубовта“ на политичките партии и нивните „лидери“ кон граѓаните и државата Република (Северна) Македонија, всушност, во својата основа се сведува на љубов кон парите на граѓаните и парите од буџетот на државата. Единствено и без исклучок!

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Мачно е во овие предизборни денови да се слушаат „лидерите“ на политичките партии (особено на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ) како многу ги „љубат“ државата и нејзините граѓани!

Да, ова е време на беспоштедна предизборна/изборна борба за власт, која на победникот му го носи ексклузивното право да управува и да ги краде парите на граѓаните во следните четири години.

Но, од друга страна, токму во таквите времиња се согледува и оценува чесноста и искреноста во односот на политичките партии (и, особено нивните „лидери“) кон граѓаните и државата.

Ако партиите и нивните „лидери“ немаат чесен и искрен однос кон граѓаните во време кога „понизно“ се борат (и молат) за нивниот изборен глас, тогаш што да се очекува кога ќе се доберат до власта и гласот на граѓаните нема да им биде важен сѐ до следните избори.

ПОЛИТИЧКА ЉУБОВ

Вака, ветувајќи сѐ и сешто за кое самите знаат дека немаат намера да го исполнат, политичките партии и нивните „лидери“ јасно даваат до знаење дека сакаат да се претстават како „месии“ од една (пропаганда) страна, и како „капо де тути капи“ од друга (криминална) страна.

Со други зборови, скриената предизборна порака до граѓаните е дека се нема спас од овие и вакви политички партии и нивните актуелни „лидери“.

Тие се оние што ја определуваат судбината, животот и иднината на граѓаните, но и на државата во целост. Затоа е најдобро да се гласа за нив бидејќи тие се „најдоброто“ од Македонија и идните (по)бедници.

Ако докрај се анализираат таквите пораки, ќе се открие нивната заканувачка порака. За жал на граѓаните, но и на самите политички партии, историјата и политичката пракса немилосрдно, одново и одново, покажуваат и докажуваат дека „љубовта“ на политичките партии и нивните „лидери“ кон граѓаните и државата, Република (Северна) Македонија, всушност, во својата основа се сведува на љубов кон парите на граѓаните и парите од буџетот на државата.

Единствено и без исклучок!

ИЗБОРНА РЕТОРИКА

Актуелната предизборна/изборна реторика се само слаткиот чоколаден прелив што треба да го скрие горчливиот вкус на таа болна ноторна вистина.

Доказ за тоа се изминатите триесетина години од прогласувањето на политичката самостојност (не и независност) на Република (Северна) Македонија, и, особено, актуелните економски, социјални, политички и правно криминални состојби во државата.

Нема дилеми дека Република (Северна) Македонија во овој период стана многу полошо место за живеење отколку беше на самиот свој почеток.

Погледнете ги состојбите во образованието, здравството, правосудството, политичкиот систем итн.

Нема ниту една област од животот на граѓаните и од функционирањето на „правната“ држава што не е масакрирана!

Ама затоа на сите страни одекнуваат звуците и ехото на „љубовта“ на политичарите, политичките партии и „лидерите“ кон Македонија. Од толку многу „љубов“, видливо таа е постојано бремена! А граѓаните!? Кој ги шиша!

Политичките партии и „лидерите“ би биле најзадоволни кога би им ги отсекле двата прста за гласање и приграбиле парите со кои опстануваат во овој гол живот.

Поврзани новости