Мицкоски: Верувам во сите пратеници, следната влада ќе ја прави ВМРО-ДПМНЕ!

Ако некој пратеник, иако во моментот не гледам таков, ја изневери мојата доверба, тоа значи дека јас не сум човек кој знае да направи правилен избор, значи дека сум погрешил, вели тој во интервју за Фокус.

by Фокус

Победата на локалните избори покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана и најголема партија и сигурно води кон формирање нова влада, денес сите анкети покажуваат сериозна разлика, некаде двојно поголема кон СДСМ, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за последниот број на неделникот Фокус.

И покрај излегувањето на ГРОМ на Стевчо Јакимовски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и дистанцирањето на албанските опозициски партии поради различното позиционирање во однос на „францускиот предлог“, Мицкоски смета дека не губи коалициски потенцијал.

-Во животот и посебно во политиката постои голема математика. Може нешто ќе изгубите за да добиете повеќе. Ценам дека недоразбирањата што произлегоа од поинакви амбиции со претседателот на ГРОМ не значи дека ние гласачите на ГРОМ сме ги изгубиле. Тие се проопозициски и голем дел од нив на следните избори ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ – вели Мицкоски.

Тој додава дека целта е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да освојат 61 пратеник на следните парламентарни избори. Но, како што потенцира, уверен е дека и во случај да освојат под 61 пратеник ќе формираат влада.

Воедно, Мицкоски порачува дека ќе се повлече од политиката ако некој од актуелните пратеници поддржи уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата. Сепак, тој не верува дека тоа ќе се случи.

-Верувам во пратениците. Ако некој, иако во моментот не гледам таков, ја изневери мојата доверба, тоа значи дека јас не сум човек кој знае да направи правилен избор, значи дека сум погрешил. И ако јас велам дека грешките треба да се санкционираат, тогаш зошто да барам изговор за мојата грешка. Во животот не смее да имате двојни стандарди – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој изразува задоволство од досегашната работа на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид каква состојба затекнале и во услови на оваа енергетска криза.

Притоа, Мицкоски во оваа група не ја вбројува скопската градоначалничка со која се разидоа Данела Арсовска, која, како што објаснува, била избрана како независен кандидат со програмата за модерно Скопје.

-Јас и денес ако го имам концептот за модерно Скопје на маса и оние проекти, ќе го поддржам. Но, сѐ што е надвор од тоа, ќе бидеме жестоки критичари и жестока опозиција – вели Мицкоски, додавајќи: „единствениот интерес ми е развојот на Македонија, не ме интересираат градби и урбанистички планови, ме интересира Македонија да се развива во вистинската насока, да носиме градби во нови фабрики и да се отвораат нови работни места“.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости