Мицкоски до сопартијците: Внимавајте што правите, заборавeте на браќа и братучеди!

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ на следните избори ќе однесе убедлива победа со минимум 61 пратеник во Собранието, вели партискиот лидер Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека се под ова ќе биде историски пораз за партијата.

– Обединети сите заедно еден до еден да дојдеме до 61 пратеник. Се останато ќе биде историски пораз. И ова сфатете го како трет Илинден и трето ново ослободување на Македонија. Следните парламентарни избори се битка за третиот Илинден – рече синоќа лидерот на партијата на прославата на годишнината од формирањето на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Мицкоски прати порака и до сите идни функционери од партијата дека, како што рече, лично ќе се пресмета со секој оној кој ќе работи нечесно и спротивно на интересите на граѓаните.

-Јас ви ветувам, ако ја добијам шансата од македонскиот народ да ја водам следната влада лично ќе се пресметам со тие луѓе коишто овој пат ќе ја изневерат довербата од македонскиот народ и ќе ги изневерат очекувањата, а тоа е да не работат чесно да бидат корумпирани и да бидат криминализирани. Затоа внимавајте што правите. Овојпат немаме друга можност. Најлесен плен за предаторите е корумпиран и криминален политичар. Заборавете на браќа и братучеди бидејќи имате само еден брат и една сестра, а тоа е Македонија и ВМРО-ДПМНЕ – порача тој.

Поврзани новости