Вучиќ му одговори на Бугаринот кој тврди дека ,,Танец” е бугарско наследство

by Фокус

Судбината на репресираните членови на ансамблот „Танец“ е само една мала епизода од борбата на културните кругови во Македонија за зачувување на бугарското наследство-пишува во вчерашниот број на бугарскиот медиум ,,Труд” во анализа потпишана од извесен Спас Ташев, кој бил специјалист за миграција и Бугари во странство.

Под објавата на Ташев, насловена ,,Репресиите врз ансамблот ,,Танец””, пишува дека ,,Труд” во низа на публикации раскажува за малку познати или непознати факти од борбите на македонските Бугари во периодот од 1944 до 1991 година.

Според Ташев, студија на доселеници од Вардарска Македонија покажала дека ,,Танец” е наследник на играорна група од Лазарополе, село кое било населено со здрави, планински Бугари.

По повод анализата на Спас Ташев, ,,Фокус” побара коментар од Мартин Вучиќ, директор на ,,Танец”, кој вели дека се работи за медиумски атаци врз нашиот идентитет. Неговата реакција, поткрепена со документи за историјатот на ,,Танец” ја објавуваме во целост.

-Мислам дека на јавноста не и се непознати ваквите медиумски атаци врз нашиот идентитет и самобитност, но политичките опструкции се наша верна сенка низ целата историја. Јас мислам дека е дури беспредметно да се коментира последнава изјава.

Секој добронамерник ја знае вистината и секој заинтересиран може да прочита повеќе за „Танец“, за македонската историја и нашиот фолклор во многуте домашни и светски изданија, но што е најважно може и самиот да се увери во убавината на македонската народна култура на самиот терен и секаде онаму каде што тој се негува.

Зарем има некој што се сомнева чие е „Тешкото“? Општо познато е кој е ,,Танец” и со која идеја и цел е основан. Сметам дека е доволно да ве упатам на документите и фактографијата, односно на целиот историјат на Танец кој започнува со тогашната т.н. ,,Лазарополска група“, но не и само со неа.

На 23.3.1949 година, тогашната Влада на Народна Република Македонија на чело со претседателот Лазар Колишевски, а по предлог на Министерот за просвета, донесува уредба за основање на установа Државен ансамбл на народни игри и песни со задача да ги негува, обработува и да им го подигнува уметничкото значењена народните игри и песни.

Неколку години подоцна, во 1953 година, ансамблот го добива и своето денешно име „Танец“, а неговата мисија останува непроменета сите овие 72 години, да го негува и унапредува музичкиот и музичко-сценскиот фолклор на државата. Во таа 1949 година, првиот предизвик бил да се направи првиот состав на „Танец“ и одлуката била да се повикаат најзнаменитите играорци и музичари од постоечките аматерски фолклорни друштва во државата.

Така, биле повикани играорците и пејачите од познатата „Лазарополска група“ која дејствувала при Културно- уметничкото друштво „Кочо Рацин“ од Скопје, на чело со Дојчин Матевски, предводникот на „Тешкото“ кое низ годините стана оро-симбол на „Танец“.

Но, во таа прва постава на ,,Танец” биле и играорци и музичари од Скопско и од други краеви на државата, како Атанас Коларовски, познатиот творец на антологиската „Драчевка“, потоа Станимир Вишински, Васка Илиева, Миле Коларов, Станко Ливрински, Вања Лазарова, Блага Видец и други.

Првите песни и ора што биле поставени на репертоарот биле изворни и главно демонстрирани и поставени од самите играорци и музичари, а според самите поднебја од каде потекнуваат, па така на програмата на Танец во првите неколку години се изведувал фолклор главно од Скопско, Мијачијата и Битолско.

Веќе на првиот меѓународен настап на ,,Танец”, на фестивалот во Ланголен во 1951 година, каде се претставува со мијачките ора „Лесното “ и „Тешкото“ и освојувањето на Гранд При, ансамблот го врти светското внимание кон себе, а со тоа и вниманието врз фолклорот на Мијачијата.

Знаете дека и ден денес „Тешкото“ е синоним за Танец, вистински амблем на ансамблот, па оттука не ме ни чуди желбата за присвојување на нашите културни вредности. Сѐ што е атрактивно секој би сакал да го има за свое, но фактите се тука да ја кажуваат вистината.

Инаку, се радувам што после толку години, Танец годинава доби нова кореографија со која после „Тешкото“ и „Невестинското“ им се навраќа на Мијаците. После 72 години, фолклорните богатства на Мијачијата беа инспирација за членовите на Танец, етнокореологот Марјан Андоновски и раководителот на оркестарот, Дарко Илиевски да создадат нова импресивна кореографија наречена „Мијачка“.

Овој македонски предел во западниот дел на Македонија, односно просторот по долината на реката Радика и нејзината десна притока Мала Река, кој што народот го нарекува Река е навистина богат, а Реканци, Рекалиите, односно Мијаци сѐ уште живо го негуваат својот фолклор и даваат материјал за прекрасни сценски претставувања пред светот.

Инаку, јас не сум тој кој би требало да говори премногу за етнологијата, зашто постојат многу документи и историски факти кои се веќе публикувани и признаени од целата светска научна јавност, а кои говорат за Мијаците, но можам само да потсетам на неколку едноставни факти, за сите оние кои сакаат да ја менуваат историјата.

Мијачкото население и припаѓа на познатата етнографска група Мијаци, кои како впрочем и сите други етнографски групи на етнички Македонци имаат свои по говорните особености, јазик, културни навики, начин на живеење, народни носии.

Ората на Мијаците од Мала Река се секако посебни во однос на ората од другите играорни подрачја и сите оние кои ги виделе „Тешкото“, „Лесното“, кои подзинале пред галичката свадбена носија, кои растрепериле од звукот на зурлите и тапаните, оние кои присуствувале на Галичката свадба, имаат макар претстава за каков и чиј фолклор се работи.

Тоа е веќе апсолвирано од сите нас, од целата домашна и светска јавност. Напади, негирања и оспорувања секогаш имало и ќе има, но ние во ,,Танец” имаме само една мисија, да ја шириме убавината на богатиот македонски фолклор и да ги ставаме без здив сите љубители на овој вид на култура каде и да се појавиме на земјината топка.

Затоа ,,Танец” никогаш немал проблеми да застане на која и да е сцена на светот и да ја потврди својата уникатност, па и тогаш кога заедно концентрира со своите колеги од целиот Балкан, како ансамблите ,,Коло” во Србија, ,,Ладо” во Хрватска или ,,Филип Кутев” во Бугарија, стои во реакцијата на Вучиќ, директор на ,,Танец”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости