Кривичен суд: Санкции за оние кои ќе го злоупотребат корона вирусот за да ги одложат судењата

by fokus

Кривичниот суд Скопје утрово со соопштение до јавноста најави строги сакнции за оние кои ќе се обидат да ги злоупотребат препораките за заштита на корона вирусот, со цел да ги одолговлекуваат судењата. Од судот соопштуваат дека сите закажани судења за кои постојат услови да бидат одржани, засега нема да се одложуваат, се додека тоа не го препорачаат Министерството за правда и Судскиот совет. За оние странки кои биле во ризични подрачја, судот бара електронски да го известат судот, со соодветна документација.

-Со цел доследно почитување на препораките, судот апелира и до сите граѓани кои се јавуваат како странки во постапки или имаат било каква достава или барање до судот, како и сите обвинители, вештаци, сведоци, полициски службеници, претставници на невладините организации и медиумите и пред се адвокатите кои се најчести „посетители“ на судот, совесно да се однесуваат и да се водат по препораките на Владата. Доколку некој адвокат, обвинител, вештак или сведок во постапка изминатиот период бил во земји кои се од висок ризик на зараза или препорачана им е самоизолација – за нивната спреченост, со прилог соодветна документација за спреченоста, електронски да го известат судот. Се работи за сопственото здравје, но се работи и за здравјето на сите останати со кои може да имате контакт во судот, велат од судот.

Судот уверува дека судниците, шалтерите, ходниците, лифтовите и тоалетите секојдневно се чистат и дезинфициираат од службите за одржување. Сите вработени кои изминатиот период биле надвор од земјата како и сите бремени жени, хронично болни, како и родители на деца помали од 10 години, а кои побарале ослободување, се ослободени од работа, тврдат од судот.

Сепак од таму не објаснуваат дали и како ќе се редуцира јавноста и дали ќе судењата ќе се пренсуваат со видео стриминзи како што препорача Министерството за правда и Судскиот совет.

-Се препорачува искористување на просториите во кои има физичко одделување на учесниците во постапката и јавноста, како и користење на други можности за информирање, како видео пренос и слично. Исто така очекуваме во судовите и јавното обвинителство да се почитуваат сите останати мерки кои до сега ги препорача Министерството за здравство и Владата, препорачаа вчера Министерството за правда и Судскиот совет.

Јовица Страшевски, адвокат на обвинетиот во случајот „ТНТ“, Тони Трајковски во негово лично име и како што вели, во име на неговите колеги адвокати, вчера испрати јавен апел до министерот за здравство, Венко Филипче во кој бара да даде препорака до судовите да држат само судења кои се неодложни, да се врши дезинфекција на судниците и да се контролираат лицата кои влегуваат во судница поради заканата од ширењето на корона вирусот.

-Кој ќе сноси одговорност ако судот стане извор на зараза број еден на корона вирус во нашата држава. Притоа сакам да Ве информирам дека во Кривичниот суд ниту се спроведуваат некои мерки, ниту се дезинфицираат судниците, ниту се прави некаква контрола на лицата што влегуваат во суд, под полна пареа се одржуваат десетици судења. Нема евиденција кој судија или обвинител бил на некое патување или имал контакти со лица кои се во ризична категорија. Во текот на вчерашниот ден еден адвокат кој бил на службено патување во ризичен регион присуствуваше на судење, а денес една од обвинетите не дојде на судење поради тоа што нејзиниот сопруг бил во карантин. Имам четири деца и немам намера јас лично наредниов период да се појавувам на закажаните рочишта бидејќи нивното здравје ми е поважно од се. Ве молам да ги имате во предвид дека судот казнува адвокати кои ги почитуваат вашите досегашни мерки т.е отсуство поради родителска грижа на своите деца, пишуваше во неговото соопштение.

Мерки на претпазливост препорачаа и невладините организации кои ги следат судењата. Денеска во судот треба да продолжи судењето за случајот „Рекет“ за којшто има голем јавен интерес.

 

Поврзани новости