Бројката на инфицирани од корона вирус во Велес се искачи на 59 лица, од кои три починаа.
Во изминативе денови беа регистрирани дури шест позитивни лица вработени во голем продажен објект, а градоначалникот Аце Коцевски бараше да се направи проценка дали да се затвори објектот.
-Побарав стручните комисии да направат стручна проценка, дали има потреба за затворање на објектот или не. Добив одговор дека засега не е потребно. Таму се заразени шест лица од две различни компании кои го користат просторот од продажниот објект. Има заразени членови на семејствата на лицата вработени во објектот –информираше тој вчера.
Исто така, и во Центар за јавно здравје Велес се регистрирани три позитивни случаеви, а од МЗ информираа дека истиот продолжува со работа и е направена ротација на кадри од другите одделенија, вклучително и лаборанти кои ќе ја покријат работата на пунктот за земање брисови.
Денес ќе бидат направени епидемиолошки анкети на вработените во ЦЈЗ Велес, по што точно ќе се знае дали и колку од вработените ќе бидат во изолација.
Сепак, и покрај актуелната состојба во градот кој станува ново жариште на вирусот, дури 22-ца велешани не го почитувале полицискиот час за време на продолжениот викенд и заработиле прекршочни пријави. Исто така, до вчера во самоизолација се наоѓале 65 лица, информира СВР Велес.
Велес е на петото место во земјава, според број на заболени. Најмногу инфицирани има во Скопје – 411, Куманово – 340, Прилеп – 117, Тетово – 60 и Велес – 59 лица.
Вики Клинчарова