Келнерски маки од новите протоколи: Чие е детето и дали вие сте навистина во брак?

by fokus

Келнер сум. Ми доаѓаат во локалот жена, маж и момче на околу 18-годишна возраст. Седнуваат на иста маса, нормално, според новиот правилник за работа, им барам лични карти, да видам дали се од исто семејство.

Жената има едно презиме, вели си го задржала моминското. Мажот има друго презиме. Момчето има трето, според таткото, од првиот брак на жената… И сега, дали да им верувам, ме лажат ли, вистина ли ми кажуваат… И на келнерите не ни е лесно – приказната за ,,Фокус” ја раскажа келнер од Гевгелија, кој долги години наназад работи во угостителството.

Вели дека ова е само една келнерска случка од вчерашниот ден, но со новите протоколи за работа на локалите, сигурен е дека ќе ги има многу.

-Дел од локалите во Гевгелија вчера започнаа со работа, следејќи ги новите процедури, за заштита од корона вирусот. Но, има и ресторани кои што не ги отворија вратите за посетители, бидејќи сопствениците сметаат дека не им е исплатливо да работат според новите протоколи.

Значително намален број на гости, вработување на ново лице кое ќе ги менаџира при влез, строго внимавање на хигиена, дезинфекција, низа на правила, сместување на гостите на дистанца, по двајца, проверки дали се од исто семејство ако се четворица…

Од искуство, во пракса овие работи одат тешко во кафеаните, посебно кога гостите ќе испијат некоја чашка повеќе. Оди ти, на поднапиен човек, појаснувај му за социјална дистанца- раскажува нашиот соговорник.

Според вчерашните реакции во јавноста, по отворањето на локалите, во дел од нив се работи според новиот протокол. Но, социјалните мрежи беа преполнети и со фотографии и снимки од локали, каде владее вистинска ,,свадбарска” атмосфера, не се почитуваат мерките, голем број на лица се испоседнати на исти маси, без дистанца, во некои локали дури има и жива музика и еуфорично расположение со ,,лепење” на бакшиши.

И локалните слави во повеќе села, по повод верскиот празник Спасовден покажаа слики каде сосема се заборавило на пандемијата, која се уште не стивнува во земјава и бројот на заболени и починати не оди по долна линија.

Угостител од внатрешноста, кој моментално работи само со достава, вели дека вчера бил опоменат од полициски службеници, бидејќи пред локалот се собирале поголем број на млади луѓе, кои ги чекале порачките, без да држат дистанца.

-Дали јас да приготвувам храна, или пак да ставам ред пред локалот? Вие расправајте се со младите, им реков на полицајците, јас сум угостител, работам во кујна, и не сум редар – раскажува соговорникот.

Поради наглото укинување на полицискиот час, дел од јавноста реагира и на собирите на младите до доцна навечер по паркови, спортски терени и разни одморалишта на отворено.

Се апелира до полицијата да стави ред и да има ригорозни контроли, бидејќи за само еден ден по разлабавувањето на мерките, дел од народот се опушти и се врати на животот како пред пандемијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости