ЦЈЗ Штип: Сите што се возеле во автобусите до текстилната фабрика во Штип да останат во самоизолација

by fokus

Сите граѓани од Штип кои се превезувале со автобусите од и до текстилната конфекција во која се детектирани поголем број лица заболени од корона вирусот, како и граѓаните кои користат ваков тип превоз, задолжително да останат во самоизолација.

Исто така и да се јават кај својот матичен лекар при појава на првите симптоми на болеста – кашлица, главоболка, покачена телесна температура, затнат нос, болка во грлото, треска, губење на чувството за вкус и мирис.

Ова задолжение до граѓаните го донесе Центарот за јавно здравје-Штип по состанокот со епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.

По извршена епидемиолошка анкета, тие ќе добијат упатства за тоа дали и кога ќе бидат тестирани за ковид-19. Доколку бидат тестирани, ќе бидат задолжени да продолжат со самоизолацијата до добивањето на резултати од земениот брис.

„Бидејќи ситуацијата од изминатите неколку дена остава впечаток дека почитувањето на мерките за заштита од овој вирус е на најниско ниво, уште еднаш ги задолжуваме граѓаните истите да ги почитуваат! Задолжително е одржувањето на хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, задолжително е одржувањето на социјална дистанца од 1,5 до два метра на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место! Задолжително е носењето заштитни маски, а по можност и ракавици“, се наведува во соопштението.

Во него се вели дека просторијата во која работат поголем број лица задолжително да го има потребното растојание помеѓу нив, носење лична заштитна опрема и на работното место, често проветрување на просториите, често миење и дезинфекција на рацете, задолжителна дезинфекција на работните површини и предмети кои се користат при работа, да се избегне групирањето на повеќе лица и за време на паузите за одмор. Да се редуцира бројот на надворешни лица кои влегуваат во овие објекти.

Потенцираат дека олабавувањето на мерките не значи крај на пандемијата на ковид-19 и дека задолжителната примена на овие мерки е најбитен елемент во превенцијата на овој вирус.

Поврзани новости