Келнер, професорка, бербер и продавач на пазар се само дел од заразените од Ковид 19 во Ресен

by Fokus

Ресен беше познат како град во кој за време на целата корона криза, односно повеќе од три месеци немаше ниту еден заболен, додека денеска според извештајот на министерството за здравство се регистрирани 14 новозаразени од Ковид 19, со што бројката достигна вкупно 18 активни случаи.

Според информациите на „Фокус“, келнер, професорка, бербер и продавач на пазар се меѓу зарзените во Ресен, каде што дури на 10 јуни беше регистриран првиот позитивен случај. Нашите извори тврдат дека ситуацијата може да стане лоша и во Ресен, со оглед на тоа што станува збор за такви професии кои секојдневно имаат бројни контакти со луѓе.

Претходно за „Фокус“ градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски тврдеше дека најголемиот број на заразени се асиптоматски случаи, вработени во угостителски локал, каде пред два дена беше регистриран позитивен случај, лице вработено во ресторанот.

-Во Ресен граѓаните се придржуваат на мерките и препораките уште од почетокот на епидемијата. Првиот случај беше регистриран на 10-ти јуни, по што во наредните два дена следуваа уште два нови случаи. Помеѓу нив имавме едно лице кое е вработено во угостителски локал, каде потоа беа тестирани сите вработени. Се работи за над 40 лица, бидејќи во склоп на фирмата функционира локалот, но и фабрика за производство на мед. Поголемиот дел од новите 14 лица се всушност вработени во ресторанот, значи позитивен е голем дел од перосналот како и луѓе кои работеле во кујната. Првиот позитивен од локалот пројавил симптоми, па поради тоа побарал тестирање, додека останатите засега немаат никаков симптом – за ,,Фокус” појаснува градоначалникот.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4.057, бројката на оздравени пациенти е 1.710, на починати е 188, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.159.

Ирена Мулачка

Поврзани новости