Кај градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, дознаваме дека Бадник поминал во тензична атмосфера. Имено, откако при првото кршење на лепчето паричката се паднала кај него, од Државната Бадникова Комисија (скратено ДеБеКа) издејствувале да се поништи тоа лепче и да се оди во втор круг, па се кршело ново лепче со друга паричка. Откако пак среќата му се насмевнала на Жерновски, било кршено по трет пат, трето лепче со трета паричка, но резултатот овој пат бил уште поубедлив. Гледајќи дека со кршење на лепчиња нема да дојдат до паричката, приврзаниците на владејачката партија отишле да ги искршат барем прозорците и вратите од бараката на Советот на општината.
Во домот на министерот Миле Јанакиески исто така се кршеше лепчето вечерва, ама во него толку многу парички ставила сопругата, што целиот стан сега му е преплавен со парички. Но снаодлив каков што го дал Грујо, министерот Јанакиески веднаш тркна до неговиот кабинет, да земе од лопатите кои ги чува (баш за вакви случаи!) во посебни витрини и реши да ги рине со лопата парите кои како на истакнат член на актуелната власт, и оваа година баш нему му се паднаа. За редакцијата на „Фокус“ министерот изјави дека е спремен да ги рине со лопата парите, оти не се тие снежни навеви во Струшко и Охридско па ич да не се секира за нив и за луѓето од тие краишта кои веќе цела недела страдаат поради прекинатите транспорт и врски во нивниот регион.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, на нашето прашање за тоа како поминала Бадниковата вечера во неговиот дом и кај кого се паднала паричката од лепчето, прокоментира дека да се викал Љупчо ќе кршел лепче, ама бидејќи е Љубчо тој кршел лебче. Воедно додаде и дека при крешењето на „лебчето“ паричката паднала и се истркалала под една комода која се погодило да биде баш во барок стил и која од пред некое време гордо стои во еден ќош од неговиот стан. За да ја извади паричката морал да се наведне и речиси да клекне пред барокното парче мебел, но, како што со насмевка додаде човекот чија фирма од неодамна гради барокен хотел на Водно, кога е паричка во прашање, тој е спремен и да клекне ако треба пред барокот.
Како човек со долгогодишно угостителско искуство, нормално беше во затворот „Идризово“ токму неповторливиот Љубе Бошковски да го замеси лепчето за Бадник. Во кусата изјава за „Фокус“ популарниот Брат Љубе рече и дека го очекувал колегата му од владата во 2001-та, тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски, годинава да му прави друштво во затворот и заедно да го кршат лепчето, но со одлука на Врховниот суд од пред некој ден почетокот на издржувањето на казната на која е осуден Бучко се одложи за неодредено време. Затоа, лепчето мораше да го крши сам, и очекувано – паричката се падна кај него. Уште не се беше израдувал на среќата, кога од МВР му најавија кривична пријава и за тие пари.
Лидерот на опозицијата Зоран Заев исто така имаше среќа овој Бадник паричката да се падне кај него. Дознаваме од сигурни извори дека паричката била монета од едно евро, и по нејзиното добивање, Заев нарачал уште 49.999 исти лепчиња да му се замесат и во секое од нив по едно евро да има. Водачот на СДСМ планира деновиве, после празниците да ја фрли долгонајавуваната медиумска „бомба“ со која ќе обелодени шокантни информации за Премиерот, па ќе му требаат 50.000 евра, во случај премиерот после три дена сепак да реши да не даде оставка.
Откако зеде прво кредит од Меѓународниот Монетарен Фонд, од таа сума издвои една монета за бадниковото лепче и министерот Зоран Ставревски. До затворањето на овој текст, од неговиот кабинет не одговорија на нашите упорни прашања за тоа кај кого се паднала паричката, ама според неофицијалните информации кои веќе почнаа да струјат низ експертската јавност, првата рата од земениот кредит што треба да се враќа после Свети Трипун (т.е. штом ќе се отрезни овој народ) – ќе се падне кај граѓаните.
Во домот на министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, се кршеше прво мало лепче од кое паричката не се падна кај неа. Името на лицето кај кого се падна паричката, како и рецептот за лепчето беа запишани на лист хартија, кое по грешка беше потоа запалено. Потоа се пристапи кон кршење на сите други специјалитети на трпезата, имено на еден зелник, една пита, четвртина бурек, па и некои крофни се искршија, и во сите нив имаше парички од кои некои се паднаа и кај среќната министерка. Кога човек си има доволно анекси полни со парички, не е нешто страшно ако во главниот проект паричката не се паднала кај него, изјави за „Фокус“ министерката.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски оваа година одлучи да ја земе паричката и да си ја стави во џеб уште пред да биде замесено лепчето. На реакцијата на неговата сопруга дека бадниковата процедура бара да се стави паричката во лепчето па по кршењето да се види кај кого се паднала, оти „таков е адетот“ господинот Трајановски кусо изјави: „а бе еби го адетот кога ти велам!“ и ставајќи секира на рамо замина во правец кон најблискиот дрворед за да насече дрва за семејното огниште.
Претседателот Ѓорѓе Иванов наместо со домашните, реши Бадник да го прослави со граѓаните, меѓу народот, па зеде учество на манифестацијата „Бадникијада“ која годинава, традиционално, за прв пат се одржа. Шефот на државата за медиумите изјави и дека „После Бадник, иде Божиќ“.
Во домот на премиерот Никола Груевски почетокот на кршењето на лепчето беше најавен за 7.00 часот но поради мало доцнење на домаќинот, свечниот чин се одржа дури во 8.55 часот. Од неговата изјава имаме видео запис:
Напомена: Текстов е со сатиричина и измислена содржина.