Откако актерот Тони Михајловски изрази отворена поддршка на социјалните мрежи за кандидатот за претседател Ѓорге Иванов, со образложение дека дошол на една од неговите претстави, Фејсбук се наполни со хумор и прашања на сметка на оваа изјава – дали за претседател се гласа од лични причини или пак за јавното добро?
По ваквиот пост, Фејсбук се наполни со коментари кои ги анализираат личните причини поради кои јавните личности би се одлучиле да гласаат за Иванов. Еден од постовите гласи:
„И скулпторката Валентина Стевановска со поддршка за Иванов: Еднаш разговарав со него и ми даде комплимент за еден од моите споменици. Никој никогаш не ми дал комплимент за моите споменици, а тој ми даде. Мене политичари не ми се појавуваат на изложби, зашто никогаш и сум немала, ама Иванов дошол на плоштад по предлог на син му, и ете, спомениците му се бендисале. Ете тоа е една од причините зашто ќе гласам за Иванов. Затоа што е човек” – вели познатата скулпторка“.
На ова, се надоврзаа и другите.
„Јас еднаш полагав Информатика во новинарството. Немало кој професор да предава, па ни го ставија Иванов, оти е добар за сѐ. За испит ни даде задача да му пратиме мејл со активни линкови. Само толку. Сите го сторивме тоа. И сите добивме десетки. Се смеевме. Иванов е прекрасен човек“.
Следуваа и нови „поддржувачи“ на Иванов.
„Немав леб да јадам, без работа сум со години… Но еднаш, го сретнав Иванов, и тој ми рече, се ќе биде во ред. Држи се, ќе најдеш работа, јак си ти. И јас ќе гласам за Иванов, кој друг би ме потапшал така по рамо!“
За крај, корисниците на социјалните мрежи заклучија дека и Барак Обама ќе гласа за Иванов!
„Ѓорге му намигна на Обама. И Обама ќе гласа за него!“.